Дневник од карантинот на еден актер (22)

ВАСИЛ ЗАФИРЧЕВ

„Утре ќе биде нов век. Ќе ви се ругаат за двете илјади години проповеди и законици, за Слободата што ни ја фрлате како мртва коска од која треба да ја цицаме иднината“ Јордан Плевнеш, „Еригон“

 

Со опсервација на остатоците од големата експлозија на вселената, физичарите ги најдоа првите докази кои ја потврдуваат контроверзната теорија дека универзумот е холограм. Алгоритмот на вештачката интелигенција откри 50 нови планети од старата база на НАСА. До 2030 година би можела да биде готова за лансирање подморницата што ќе ги истражува морињата од метан и етан на Титан, големата месечина на Сатурн. Метеоритот со боја на виножито, откриен во Коста Рика, а создаден од ѕвездена прашина која го формирала сончевиот систем, ги содржи комплексните градечки блокови на животот. Иако Земјата изгубила 28 трилиони тони мраз од 1994 година, американски научници докажаа дека под површината на планетата лежи огромен подземен резервоар со трипати повеќе вода од сите океани заедно. Стотина масивни камени структури откриени низ Саудиска Арабија се меѓу најстарите споменици во светот кои датираат од пред 7000 години. Во форма на голема блескава топка што плови, во Сингапур е отворена новата продавница на „Епл“, а со новата униформа на „Ливерпул“, „Најк“ го создаде еколошки најодржливиот дрес досега. По излевањето на 1.200 тони нафта во океанот, 17 мртви делфини беа пронајдени на плажа на Маврициус, а благодарение на лавот Чака, полицијата ги фати четворицата кои провалиле во зоолошката градина во Скопје.

И покрај итноста од потребата на светските лидери да се обединат за да осмислат нова стратегија за оздравување на светот во пост-ковид ерата, Светскиот економски форум во Давос, закажан за во јануари 2021 година, токму заради мерките на претпазливост со Ковид-19 е одложен до почетокот на следното лето. Секретарот на Советот за национална безбедност и одбрана на Украина, Алексеј Данилов, смета дека во моментов се одвива Првата светска биолошка војна. Додека народната банка и владата на Белорусија донесоа одлука да ги вратат назад сите резерви на злато од странските банки, НАТО го предупреди претседателот Александар Лукашенко да не го користи засилувањето на Алијансата во регионот како изговор за репресијата врз демонстрантите, а Кремљ потврди дека е подготвен да испрати воена или друга помош за спроведување на законот во Белорусија. Берлин ги забрани протестите против мерките за справување со корона вирусот, а светските телевизиски куќи Си-ен-ен, Фокс њуз и Ем-си-ен-би-си го прекинаа тв-преносот додека американскиот републикански сенатор Пол Ренд ги набројуваше воените злосторства низ светот на демократскиот претседателски кандидат Џо Бајден. Врховниот суд на Нов Зеланд пресуди дека првиот карантин во земјата бил незаконски и без правна основа ги загрозил граѓанските права и слободи.

Балканот е ново жариште на корона вирусот. Додека во Америка опаѓа, бројот на инфекции во Европа расте, па заради зголемен број заразени, Унгарија повторно ги затвори границите. И покрај тоа што за вирусот има сѐ повеќе сознанија и информации, сè уште има такви кои не веруваат во неговото постоње и неговата опасност по животот. Но, во повеќе од три четвртини од клиничките обдукции во Германија, врвот на медицинската струка за патологија нашол докази дека пациентите навистина умираат од Ковид-19, а не од претходни болести или старост. Освен тоа, откритието на пациенти во Хонгконг, Холандија и Белгија, кои по неколку месеци откако го прележале вирусот, повторно се позитивни на него, менува сè што досега знаевме за короната. Има ли имунолошка заштита по првата инфекција? Мутира ли вирусот за време на пандемијата? И ќе нудат ли воопшто заштита вакцините кои во моментов се развиваат? Во меѓувреме, јапонски научници потврдија дека ниски концентрации на озон го убиваат вирусот, истражувачи во Британија открија дека тој може да биде уништен и со активната состојка „цитриодил“ од инсектицидите, а на форумот „Армија 2020“ во Русија беше претставен и првиот инструмент кој го открива корона вирусот во воздухот.

Студија на водечките германски епидемиолози од Берлин покажа дека оперските претстави и концертите со полна публика се сосема безбедни. Бугарскиот народен театар „Иван Вазов“ во Софија ја започна новата сезона, а уметниците на Народниот театар во Белград изведоа пригодна програма во чест на повторната средба со публиката после шест месеци. Отворањето на театрите и киносалите кај нас сè уште е научна фантастика, а повеќе од половина месец доцни и исплатата на јулската плата за вработените од културата. Со видоизменето, хибридно издание заради пандемијата, во Струга се одржаа 59-тите „Струшки вечери на поезијата“, а со концертот „Звук на два метри“, Филхармонија ја отвори новата сезона. Режисерот Столе Попов е годинашен добитник на наградата „Голема ѕвезда на македонскиот филм“ на Друштвото на филмски работници на Македонија. Драмскиот аматерски фестивал ДАФ во Кочани најави викенд издание во септември и првиот викенд во октомври. Од 8 до 14 септември кај А1 арената „Борис Трајковски“, на отворено ќе се одржи и 32. „Саем на книгата“. А паркот на „МКЦ“ ќе биде подиум за 10-тото јубилејно издание на фестивалот „Здраво млади“.

Наставата за учениците ќе се одвива според комбиниран модел од е-настава и физичко присуство. До 15 септември ќе биде готова унифицираната национална платформа за онлајн-настава која во исто време ќе може да опслужи 300 илјади корисници, а според здравствените протоколи се забрануваат поздравувања со физички контакт меѓу учениците и вработените во училиштата. НБМ дозволи уште шест месеци одложување на кредитите во банките. Во третиот сет мерки за справување со кризата кој тежи 355 милиони евра, околу 100 илјади граѓани со приходи под 15 илјади денари ќе добијат платежни картички од по 9.000 денари. Според програмата на новата влада и граѓаните ќе одат во стечај, фирма ќе се отвора со едно евро, ќе се плаќа данок за луксуз, а во пензија ќе може да се оди пет години порано, но со намален износ. МВР гради огромен бетонски прстен за чување податоци во Прилеп. Општина Ѓорче Петров забрани сушење алишта во дворови што гледаат на улици и плоштади, а 80 дивоградби на узурпирано државно земјиште ја загрозуваат Попова Шапка. И додека Преспанското Езеро досега изгубило вода колку за две Дојрански Езера, зголеменото производтво и продажба на струја се претвора во еколошка катастрофа и за Дебарското Езеро.

Слободата како темелна човекова вредност и прогонот на слободната човекова мисла се главни теми на драмата „Еригон“ на македонскиот драмски писател со интернационално реноме Јордан Плевнеш, преведена на повеќе јазици и поставена на повеќе сцени во светот. Напишана е во 1981 година, а премиерно изведена во 1982 година на сцената на Драмскиот театар во Скопје, во режија на Љубиша Георгиевски, со актерските легенди Мето Јовановски, Мери Бошкова, Петар Темелковски и Милица Стојанова во главните улоги. Во овааа драма за Човекот-Куче во бегство, жанровски дефинирана како сценска анатема во два дела, низ потресната драмска приказна за Исидор Солунски, македонски емигрант во Париз, кој умира во болница за бездомници и неговиот пес Еригон, во чиј живот и смрт симболички е ставена судбината на цел еден народ, Плевнеш гласно го поставува Еригонското прашање: Зошто никој во Европа не знае да крикне? Со непогрешливо чувство за човечките и цивилизациските вредности и односи, а преку силни и неверојатно моќни архетипски слики во драмскиот јазик, од метафората за недолжната жртва Плевнеш всушност создава драма која ја следи духовната потрага по слободата низ мрачните страни на историјата и непредвидливата иднина.

Што е слободата во светот на забрани и ограничувања? Го менува ли кризата нашето поимање за неа? И ја имаме ли воопшто храброста да ги прифатиме промените, да се соочиме со себеси и да тргнеме кон слободата која ни припаѓа? Додека тркалото на неправдата и натаму гази врз отпорот од можеби последните проблесоци на вистината, фрлајќи ги како и досега на гробиштата на идеалите и залудните жртвувања, фатени во секојдневната драма од неизвесноста на животот, а врзани за илузијата од невозможните очекувања, ние и натаму го вперуваме прстот во другите, префрлајќи ја кон нив и вината за сето она што ни се случува. Ако човекот е осуден на слобода како состојба на делување без присила и забрана и ако положбата спротивна на слободата е ропството, тогаш слободата е чин на избор со кој свесно се презема и одговорноста за него. Одрекувањето од слободата е одрекување од својството да се биде човек. Исто како што одземањето на слободата на сопствената волја е одземање на моралот во изборите, постапките и делата. Без одговорноста, слободата е само каменот на Сизиф кој се тркала по ридовите на историјата и човечкото општество, исчезнувајќи под неговите тежини.

(Васил Зафирчев е актер)