Дневник од карантинот на еден актер (19)



ВАСИЛ ЗАФИРЧЕВ

„Луѓето почесто сонуваат да се шутови отколку да се цареви. Шутот е цар без одговорност. Идеална професија“                                                                           Сашо Димоски, „Помеѓу змејот и неговиот гнев“

Астрономите открија дека гигантско цунами од отровни облаци на секои 4,9 дена, веќе со децении беснее по површината на Венера. Со осум воодушевувачки фотографии од Марс, НАСА прослави осум години од слетувањето на роверот „Curiosity“. Американски истражувачи потврдија дека дел од генетската структура на модерниот човек е ДНК од засега непознат човечки предок. Научници од Сингапур, инспирирани од филмот „Војна на ѕвездите“, создадоа вештачка кожа која чувствува. Германска студија покажа дека билките и растенијата знаат дали е ден или ноќ врз основа на нивото на шеќер кое го содржат во себе. Во Инстанбул, Турција е отворена најдолгата непрекината велосипедска патека во светот со должина од 25 километри. Од корона вирус почина седумгодишно дете во Џорџија, САД, а очаен татко постави шатор пред болницата во Пакрац, Хрватска во која се лекува неговиот 7-годишен син. Иноваторите во Шпанија измислија антикорона појас за дистанца на плажите, а израелска компанија работи на најскапата заштитна маска направена од бело злато, црни и бели дијаманти и N99 филтри која ќе чини 1,5 милиони долари. Позитивен на корона е и славниот актер Антонио Бандерас.

Додека светот се бори против корона вирусот, а Индија станува најголемо жариште на инфекцијата, Кина пријави нов вирус кој се пренесува од крлежи и кој веќе однесе седум животи, а повеќе од 60 се заразени. Двајца поранешни американски специјалци, фатени за време на неуспешната операција „Залив на прасињата“ за државен удар во Венецуела се осудени на 20 години затвор. Поранешниот шпански крал Хуан Карлос е во бегство, откако Врховниот суд во Шпанија започна истрага за негова вмешаност во проневера со договор за брза железница со Саудиска Арабија. Германија и Франција не го прифатија предлогот на САД за реформа на СЗО. По стравичната експлозија и демонстрациите, падна либанската влада, а над 60 илјади граѓани потпишаа петиција за враќање на француската колонизација. Поради драстичниот пад на патувањата за време на пандемијата, компанијата „Букинг“ ќе отпушти повеќе од 4.000 вработени. Пронаоѓајќи редок сино-темновиолетов скапоцен камен –  танзанит, тежок шест килограми, рудар од Танзанија преку ноќ стана милијардер. Откако „Фејсбук“ започна со нова услуга на куси видеа, богатството на неговиот основач Цукерберг достигна неверојатни 100 милијарди долари.

Иако СЗО повика на претпазливост со руската вакцина која не е на листата со шест вакцини што стигнале до третата фаза од клиничките испитувања, Русија успешно ја регистрираше првата вакцина против короната, наречена „Спутник 5“ според првиот светски сателит. Основачот на „Мајкрософт“, Бил Гејтс проценува дека пандемијата за богатите ќе заврши до крајот на 2021 година, но на другите ќе им треба повеќе време за да се опорават. Според генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, пандемијата довела до најголемо нарушување на образованието во историјата, училиштата се затворени во повеќе од 160 земји, а погодени се повеќе од милијарда ученици. И додека автралиската влада потврди дека ПРЦ тестовите не можат да разликуваат Сарс, Ковид или обична настинка, туку само да регистрираат антитела кои укажуваат на некакво воспаление, новите тестови за корона вирус кои од неделева ќе бидат достапни во лабораториите и болниците во Велика Британија ќе можат да го откријат присуството на вирусот за само 90 минути. Иако според статитстичките податоци, од короната во Британија починале 46 илјади луѓе, официјален документ на британската влада откри дека карантинот воведен поради корона вирусот убил илјадници луѓе кои не можеле да дојдат до медицинска помош или плашејќи се од зараза избгнувале да одат во здравствените установи.

Со големо холивудско шоу, прво од почетокот на корона кризата, на 20 септември на интернет ќе се одржи церемонијата на доделување на „Еми“ наградите.  Танц-театарот „Вупертал“ ќе ја отвори сезоната со „Тој ја зеде за рака и ја одведе во замокот, другите го следеа“, претстава на Пина Бауш работена според Шекспировиот „Макбет“ за оперската куќа во Вупертал. Во рамките на летната кино програма на Стокхолмскиот филмски фестивал, култниот филм на Стенли Кјубрик „Одисеја 2001“ имаше специјална проекција во халата на првиот шведски нуклеарен реактор, 25 метри под земјата. 65-тото издание на најзначајниот театарски фестивал во Србија „Стериино позорје“ ќе започне на 26 септември. Драмската програма на фестивалот „Охридско лето“ беше отворена со претставата „Сестрите Прозорови“ на Велешкиот театар, а постојаната поставка на Музејот на македонската борба го доби својот инклузивен водич „Минато на дланка“ на француски јазик. Кратката филмска комедија „Налепница“ на Георги Унковски освои шест награди на првото издание на „Апулија филм фестивал“ во Италија. На локалитетот „Павла чука“ кај Старо Бонче, Прилепско, во десетина средновековни гробови од 11 и 12 век археолозите открија вредни артефакти.

Иако експертите предупредуваат на полошо есенско ковид-сценарио, а низ државата се подготвуваат 16 мини инфективни одделенија за брза дијагностика, Уницеф апелира дека децата мора да се вратат во училиште, оти ќе се уназадат. На Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство се роди бебе во „воден превез“, што е редок феномен кој се случува еднаш на 80 илјади раѓања. Градоначалникот на Кајахога Фолс во Охајо, Дон Валтерс, го прогласи 2 август за ден на Македонската Република во овој град. Со печатењето на 25.000-от број, најстариот весник „Нова Македонија“ одбележа редок јубилеј. Камерите поставени во Националниот парк „Маврово“ прв пат снимија три риса за половина минута. На Крушевското езеро се одржа првиот пливачки маратон „Тоше Проески“, а по спроведениот инспекциски надзор, на 10 правни субјекти на Охридското крајбрежје изречени им се казни во висина од 70 илјади евра. Граѓани на Тетово и Куманово протестираа против поскапувањето на струјата и побараа самораспуштање на Регулаторната комисија за енергетика. Во првата половина од годинава извозот паднал за 24, увозот за 20 отсто, па владата се задолжи со нови 38 милиони евра.

Во својот најнов драмски текст „Помеѓу змејот и неговиот гнев“, избран меѓу трите најдобри македонски драми на конкурсот на „Еуродрам“ за најдобри нови драми на европско ниво за 2020 година, еден од водечките драмски писатели кај нас, Сашо Димоски, посветено го истражува дијахронискиот развој на феноменот и персоналитетот на шутот. Драмата чиј луциден наслов е инспириран од Шекспировата трагедија за Кралот Лир е всушност кратка историја на смешното како професија. Структурирана во седум сцени кои претставуваат седум драмски ситуации од седумте работни дена на шутот, оваа богато измислена и прецизно конструирана драмска приказна го следи односот на различни владетели како конкретни историски личности и нивните шутови како имагинарни персоналитети. Преку нив, Димоски создава жестока корелација со секоја историска епоха, притоа антиципирајќи и на актуелниот контекст за поимање на феноменот на власта, нејзината употреба и нејзината моќ.

Владетелите од старите времиња, кои правото да владеат го добивале првенствено затоа што поседувале мудрост и сила, искуство, знаење и памет, задолжително имале свој дворски шут, бидејќи имале потреба од вистината за тоа кога грешат и каде го прават тоа. Шутот бил всушност alter ego, некакво второ јас, еден вид совест низ која владетелот ја преиспитувал справедливоста на сопствената моќ, за така во одлуките да ги разграничува доброто од злото, вистината од лагата, правдата од неправдата. Дворскиот шут бил пред сè паметен, мудар, итар и луциден човек, кој просто го освојувал владетелот со своите вештини, знаења и таленти. Негова единствена обврска била секаде да биде со и покрај владетелот и да му биде на услуга дури и во миговите кога тој е сосема сам, и не е веќе владетел, туку обичен човек со свои стравови и сомнежи. А единствено задолжување на шутот било секогаш низ ведар, смешен, комичен и шегобиен начин да му ја кажува на владетелот вистината во очи, дури и онаа вистина која обичен човек би го чинела глава.

Зошто владетелите веќе немаат свои шутови? Веројатно затоа што немаат потреба од вистината. Па неместо да бидат владетели кои со вистина ја добиваат власта, се претвораат во властодржци кои со лага грчевито се држат за неа. Можеби и шутовите го изгубиле чувството за хумор, па станале здодевно послушни поданици кои само го повторуваат она што владетелите милуваат да го чујат. Како и да е, изгледа дека ѓаволот ја однел шегата, а со тоа и вистината за неа. Па кога нема добри шутови, нема ниту паметни владетели.

(Васил Зафирчев е актер)