Дневник од карантинот на еден актер (18)

ВАСИЛ ЗАФИРЧЕВ

„Денес сè се купува и продава. Дури и она што луѓето мислат дека нема цена. Тоа обично е и најевтино“.                                                                                           Горан Стефановски, „Диво месо“

Благодарение на ѕвездената археологија, астрономите открија остатотоци од антички кластер на ѕвезди кои се разделиле од нашата галаксија Млечен пат пред повеќе од две милијарди години. И покрај земјотресот во Калифорнија, НАСА успешно го лансираше кон Марс роверот „Perseverance“ кој ќе ги истржува трагите од живот на црвената планета и кој во себе има и направа што го претвора јаглеродниот диоксид во кислород, што е клучен чекор за идните човечки мисии. Како последица на поместувањето на тектонските плочи, во источна Африка се создава огромен процеп кој го разделува континентот на два дела и во кој за околу 5 до 10 милиони години ќе се формира нов океан. Јапонските научници оживеаја бактерија стара 100 милиони години, откриена под океанското дно на Јужниот Пацифик. Среде лето во Москва падна снег, а во Британија е забележан висок пораст на температурите. Со оперативен зафат прв од таков вид досега, кој траел 18 часа и во кој учествувале повеќе од 30 лекари, раздвоени се две сијамски близначки кои биле споени со главите и крвните садови. Во резерватот „Тадоба“ во Индија направена е фотографија на редок вид црн леопард, а неверојатно е видеото на заспан октопод кој ја менува бојата, за што научниците веруваат дека е како резултат на тоа што сонува. Во екот на летната корона-туристичка сезона промовиран е првиот иновативен костим за капење со инфузија од антиоксиданти, кои ја штитат кожата, но и океаните.

Со цел да го спречи повторното ширење на вирусот, австралиската држава Викторија прогласи состојба на катастрофа, а градот Мелбурн е ставен под шестнеделен целосен карантин. Во огромна експлозија на 2.750 тони амониум нитрат, складирани на бејрутското пристаниште во Либан, загинаа 158 луѓе, а повредени се 5.000. Додека американската економија во вториот квартал бележи историски пад од 32,9 проценти, а заради пандемијата десетици милиони работни места се изгубени, САД воведоа санкции за 11 кинески компании обвинети за кршење на човековите права врз муслиманите во провинцијата Синкјанг, во северозападниот дел на Кина. Во процесот на дедоларизација и повеќегодишниот обид за негова забрана, за првпат во трговската размена помеѓу Русија и Кина, американскиот долар падна под 50 отсто. Додека Турција сѐ повеќе ја засилува контролата врз медиумите и социјалните мрежи, како одговор на нејзината одлука да го промени статусот на музејот во џамија, Сирија со помош на Русија ќе гради реплика на црквата „Света Софија“. Според „Фајненшел тајмс“, пандемијата предизвика нов тренд на пазарот на недвижности, па најбогатите луѓе купуваат цели острови на Карибите, Јужен Пацифик и Европа, со цел да се спасат од короната и да се изолираат од остатокот од светот.

По стравичната битка со корона вирусот кој зеде околу 35 илјади жртви, лекарите од Италија предупредуваат дека короната не е само респираторна болест, туку моќен и тивок убиец што го загрозува целиот организам, па дури и пациентите со благи симптоми можат да се соочат со далеку посериозни последици. Иако Ковид-19 е директна причина за смртта кај 89 отсто од заболените во Италија, лекари и адвокати ќе ја тужат Владата во Европскиот суд за мерките превземени за време на пандемијата. Дури и познатиот тенор Андреа Бочели ги критикуваше владините мерки за карантинот, повикувајќи ги граѓаните да одбијат да ги почитуваат правилата кои сè уште се на сила. Под слоганот „Мисли! Немој да носиш маска!“, околу 20 илјади луѓе во Берлин протестираа против корона-мерките кои ги кршат нивните граѓански права и слободи. Експерти од рускиот Државен истражувачки центар за вирусологија и биотехнологија „Вектор“ открија дека корона вирусот умира на собна температутра на водата за 72 часа, научниците од американскиот универзитет „Вирџинија тек“ создадоа спреј што ја убива короната за еден час, а Институтот за молекуларна медицина во Лисабон ја разви првата заштитна маска која со помош на неколку различни водоотпорни слоеви го неутрализира корона вирусот, дури и по 50 перења на ткаенината.

За спас на филмската и телевизиската продукција за време на пандемијата, британската влада одобри фонд од 647 милиони фунти. Здравствените работници на Малта се заканија со штрајк доколку не се откажат четирите големи музички фестивали, најавени за август и септември, кои можат да бидат голем ризик за ширење на корона вирусот. Славниот писател Милан Кундера ја подари личната библиотека на родниот град Брно во Чешка. На 76 години почина еден од најуспешните британски филмски режисери Алан Паркер. Балканот се прости со познатата српска писателка Исидора Бјелица. Легендарниот српски актер Власта Велисављевиќ го прослави 94-от роденден со што стана најстариот активен актер во Европа. Со голем концерт на Мали Бриони, актерската легенда Раде Шербеџија и неговата сопруга, режисерката Лена Удовички го прославија 20-от роденден на театарот „Улисис“. Јубилејното 60-то издание на фестивалот „Охридско лето“ беше отворено со концерт посветен на оперската примадона Ана Липша-Тофовиќ, а МНТ е првиот театар во земјава кој за проектот „Патишта на хероите“ доби 395 илјади евра од програмата „Креативна Европа“ на Европската унија.

Поради пандемијата, двата Илиндена беа одбележани без масовни собири, а под посебни здравствени протоколи се одржа и првата седница на новиот парламент. Комисијата за заразни болести даде зелено светло за отворање на градинките, а во очекување на протоколите за училиштата, националното истражување покажа дека образовниот систем не е подготвен за е-настава. По барање на Министерството за здравство, Македонија добива медицински тимови од Шведска и Словенија кои ќе помагаат во борбата со короната. Скандалозно е што 708 компании зеле од државата околу 385 илјади евра субвенции за плати, но не им ги исплатиле на вработените. ПИОМ потврди дека минатата година имало најмало зголемување на пензиите до сега. Студија на 25 научници за движењето на населението до 2100 година објавена во „Лансет“, предвидува дека за 80 години од сега, нашата земја ќе падне под 1 милион жители. И покрај највисоката сиромаштија и невработеност во Европа, Македонија во екот на кризата ја зголеми цената на струјата за 7,4 отсто.

Распадот на едно типично македонско семејство, условен од времето и различните сфаќања за животот, е тема и на култната драма „Диво месо“ на најголемиот македонски драмски писател Горан Стефановски, за прв пат изведена во Драмскиот театар-Скопје во 1979 година. Преку модерната композиција од 17 сцени и специфичниот јазик во кој не постојат непотребни реплики, овој драмски текст, чие дејство е сместено во Дебар Маало во Скопје непосредно пред Втората светска војна, ја прикажува семејната драма на фамилијата Андреевиќ, во која родителите живеат заедно со тројцата синови. Драматизирајќи ги недоразбирањата што постојат меѓу нив и генерацискиот јаз што ги доведува до жестоки конфликти, Стефановски маестрално ја изнесува идејата за сфаќањето и разбирањето на значењето на фамилијата, семејството, коренот, домот и татковината.

Иако пишува за минатото, Стефановски всушност ја предвидува иднината, па дивото месо кое настанува кога влакно ќе зарасне во кожата, станува симбол на злото во нас со кое се бориме векови наназад и од кое никако да се ослободиме. Иако времето е сегашно, контекстот на драмата е толку жив и актуелен. И натаму опседнати од ирационалноста на балканските нерешени прашања, сè уште не ја разбираме студената и самоуверена европска рационалност која од секогаш била незаинтересирана за нашите поплаки, самосожалувања и патетики. Боледувајќи од синдромот на мазохистичка душа, во недостиг на одлучност и храборост да се соочиме со реалноста на сопственото незнење, неспособност и пасивност, демократијата ја поимаме низ формите на анархијата, па купопродажбата на луѓе и идеи и кражбата на колективни вредности и добра стануваат главен инструмент низ кој ја поимаме власта и ја практикуваме нејзината моќ. Неможејќи докрај да си одговориме кои сме и какви сме вистински, за потоа да можеме да ги убедиме и другите дека сме достојни и важни со сето она во кое веруваме, почнуваме да наликуваме на загубено општество кое неуспешно трага по својот идентитет. Осудени да живееме во состојба на постојано пропаѓање, никогаш и од ништо не извлекуваме никакво искуство и поука, па затоа и никако не успеваме да се оттурнеме од дното и конечно да тргнеме кон благосостојбата на иднината која ни припаѓа. Сè додека не сфатиме дека до правдата се доаѓа преку активна борба за соочување со вистината и нејзино прифаќање, сè дотогаш нашиот опстанок ќе биде осуден на пасивно предавање и наше постојано пропаѓање.

(Васил Зафирчев е актер)