Дневник од карантинот на еден актер (17)


ВАСИЛ ЗАФИРЧЕВ

„Знаењето и мудроста ни доаѓаат тогаш, кога веќе не ни се од корист“                Габриел Гарсија Маркес, „Љубов во време на колера“

 

Со големиот телескоп во Чиле астрономите ја направија првата фотографија на сончев систем со две џиновски планети кои орбитираат околу млада ѕвезда со иста маса како Сонцето. По повеќе од два месеци поминати во вселената, на 2 август на Земјата се враќаат двајцата астронаути на НАСА со леталото на „Space X“. Симболите на мистериозниот храм Гобекли Тепе во Турција откриваат дека пред 13 илјади години Земјата претрпела масивен удар од комета, а преку череп пронајден во пештера на Гибралтар во 1996 година, реконструирано е лицето на жена по име Калпија која живеела пред 7500 години. Најновата студија на професорот Кулум Браун од Меквари универзитетот во Сиднеј покажа дека рибите се интелигентни и емоционални битија и чувствуваат болка исто како и луѓето. Елон Маск тврди дека создале чип кој ќе може да лечи депресија и зависност, а неговото вградување ќе биде слично како ласерска операција на око. Силниот ураган „Даглас“ е првиот што ги погоди САД среде пандемијата на корона вирусот. Научниците дојдоа до заклучок дека лилјаците се отпорни на короната, а италијанска студија потврди дека пред 500 години, познатиот ренесансен уметник Рафаело Санти починал од еден вид корона вирус. Потресна е фотографијата на жртва од короната во Индонезија замотана во пластика, а ужаснува веста за човек покриен со чаршаф кој умрел пред ковид амбуланта во Панчево.

Пандемијата ја менува и геополитиката на Медитеранот, па откако Анкара објави дека ќе го испрати бродот „Орук реис“ да ги истражува подводните наоѓалишта на природен гас и нафта во близина на грчкиот остров Калстелоризо, Турција и Грција се на работ од војна, а отворениот воен конфликт е спречен со посредство на германската канцеларка Меркел. Заради кризата предизвикана од пандемијата, авиокомпанијата „Емирати“ најави дека ќе отпушти 9.000 вработени, а откако годишната добивка падна за третина, гигантот „Кока кола“ го забележа најголемиот пад во последните 25 години.  За полесно справување со кризата, Чешка ќе донесе закон со кој 85 отсто од прехранбените производи мораат да бидат од домашно потекло. Додека 54 отсто од германските компании сметаат дека работата од дома треба да продолжи и после кризата, индустрискиот гигант „Сименс“ најави дека на повеќе од третина од своите вработени ќе им овозможи да работат од дома. Уставниот суд на Австрија пресуди дека полицискиот час воведен поради корона вирусот бил неуставен, а владата ги игнорирала законите при донесувањето на мерките за време на пандемијата. Велика Британија го забрани купувањето на 5Г технологија од „Хуавеј“, па до 2027 година компаниите ќе мораат да се ослободат и од целата опрема на овој кинески произведувач. По маратонските преговори, лидерите на 27 земји-членки постигнаа договор за пакетот корона-помош и буџетот на ЕУ во следните седум години. Додека Светската банка предупредува дека земјите од Западен Балкан мора да го сопрат задолжувањето поради пандемијата, поранешната германска амбасадорка Штајнакер за Дојче веле пишува дека на Балканот владеат клептократи.

СЗО ги потврди најновите сознанија на научниците дека корона вирусот може да се пренесе и преку воздух, во затворени и непроветрени простории во кои може да се задржи и до три часа. По препораките на експертите за исклучување на клима уредите во деловните простории, група српски научници осмислија уред со УВ зрачење кој ја уништува короната и го спречува нејзиното ширење преку системите за греење, ладење и вентилација. Истражувањето спроведено на Кралскиот колеџ во Лондон покажа дека уморот, забрзаната работа на срцето и болки во мускулите се трите симптоми кои откриваат дека сте имале, но сте го победиле Ковид-19. Во опсежна меѓународна операција спроведена во 77 земји, Интерпол заплени 17 илјади лажни тестови за корона вирус. Русија е првата земја во светот која на 12 август ќе ја регистрира вакцината против короната направена во Институтот „Николај Голомеј“ во Москва. Вакцината ќе биде бесплатна и ќе започне да се применува од 15 август, а први корисници ќе бидат луѓето од оние професии кои се најескпонирани и кои можат најбрзо да се заразат. Претседателот на фармацевтскиот концерн „АстраЗенека“ најави дека вакцината против короната направена во соработка со Оксфодскиот универзитет, преку генетски инженеринг на вирусот кој инаку предизвикува настинка кај шимпанзата, ќе излезе на пазарот до крајот на годината и ќе чини само 2,5 евра.

Остри критики во јавноста предизвика познатата американска водителка Хелен Деџенерис, откако заради пандемијата без најава им ги намалила платите на своите вработени за дури 60 отсто. По повод 250-от роденден на Бетовен, посетителите на Виенската сецесија можат да уживаат во „Bethoven Frieze“ на Густав Климт, со музичка придружба на слушалки од деветтата симфонија во изведба на Виенската филхармонија. А со изложба посветена токму на Густав Климт, во францускиот град Бордо отворен е најголемиот дигитален арт центар во светот „Bassins de Lumiere“. На археолошкиот локалитет Ограѓе, кај скопското село Орман, археолозите го открија најстарото парче керамика со насликан човек во Македонија. Со настап на седум македонски џез состави, под отворено небо во МКЦ се одржа џез фестивалот „Крај Вардарот Џез“. Со стакленца од Италија и лапислазули камчиња од Авганистан, Никола Упевче го изработи првиот мозаик со историските локалитети на Охрид, а прелетувајќи 147,6 километри на релација од Водно до Меџитлија, Александар Гацевски го урна македонскиот рекорд во летање со параглајдер.

И покрај корона кризата, Македонија годинава има дури 2.739 помалку починати во однос на 2019 година. Во рамките на Солидарити фондот, СЗО ѝ донираше на Инфективната клиника 293.700 парчиња лична заштитна опрема, а во справувањето со пандемијата ќе помагаат и младите лекари кои месецов го положиле стручниот испит и добиле лиценца за работа. Иако според здравствените протоколи на МОН за образовните институции, учениците од септември со маски ќе ја започнат учебната година и со часови кои ќе траат 20 минути, пандемијата на површина ги извади сите недостатоци на образовниот систем и неговата неподготвеност за современите дигитални предизвици. Општина Чаир преку весници ќе го бара инвеститорот на нелегалниот објект кој никна кај „Мавровка“, а Хелсиншкиот комитет минатата година регистрирал 159 дела од омраза и зголемен број инциденти по основ на етничка припадност кој достигнува дури 86 отсто од случаите.

Најпознат роман на светската книжевност во кој заразата се третира како судбина е „Љубов во време на колера“ од 1985 година на колумбискиот нобеловец Габриел Гарсија Маркес, според кој е снимен и истоимениот филм во 2007 година. Главен лик во оваа налудничава, духовита, но чиста љубовна приказна, сместена на самиот почеток од 20 век во едно карипско пристаниште е Флорентино Ариса. Предаден на својата прва љубов од младоста Фермина Даса, по грижливо документирани 622 љубовни авантури и по половина век, или поточно 53 години, 7 месеци и 11 дена, посветено чека таа да стане вдовица, за тој да го исполни заветот на вечна верност и љубов кон неа. Преку хипнотичката раскажувачка вештина на својот магичен реализам, Маркес создава ремек дело за љубовта, староста и смртта, мајсторски откривајќи ја убавината на светот и на животот среде мрачните слики на сиромаштијата, нечистотијата и болеста.

Што е љубовта среде заразата со која се соочува светот и кризата на животот која ни станува секојдневие? Како и каде се случува таа љубов, кога социјалната дистанца е задолжителна, физичкиот контакт оневозможен, а лицето покриено со маски и визири, па очите стануваат единственото огледало на душата и нејзините чувста, мисли и копнежи? Заглавени помеѓу стереоптипните обрасци на љубовта и нејзината трансцендентална моќ која произлегува од непредвидливоста на животот, но никогаш доволно уморни од вечната потрага по нејзините суштини и значења, сега сѐ повеќе се враќаме на платонското од нашите први соништа за неа. Неможејќи до крај да ја разбереме нејзината светост, но и нејзиното олицетворено искуство во релноста, осудени сме на непрестано изненадување од нејзините секогаш нови и поинакви облици, низ кои одново ја откриваме силината на нашите емоции, заедно со сите потешкотии, досади и неподносливости, но и бесконечната посветеност и приврзаност што ја создаваат заеднички споделените и проживеани години. Кризата само нѐ потсетува дека во сите подеми и падови низ кои минуваме, токму чекањето и надежта се водечката точка на секое универзално љубовно искуство. Па како и последното поглавје од безвремениот роман на Маркес, самиот живот станува тоа бесконечно долго патување во потрагата по таа една, единствена и вистинска љубов за која вреди да се живее, но и да се умре.

(Васил Зафирчев е актер)