Дневник од карантинот на еден актер (14)


ВАСИЛ ЗАФИРЧЕВ

„Оставете ги, тие се слепи водачи на слепци:
а кога слепец води слепец, обата ќе паднат во јама“                                                       Евангелие според Матеј 15:14

 

Иако неведлив со голо око, на 4 јули се случи редок астрономски настан во кој сите планети од нашиот Сончев систем се подредија една зад друга во права линија. Оваа необична констелација која ќе трае две недели, последен пат се случила во 1982 година, а следен пат ќе се случи за 140 години. Анкета помеѓу астронаутите откри како мириса вселената. Според повеќето од нив, вселената мириса на храна налик на зачинет бифтек, некои почувствувале мирис на метал, додека други сладок мирис на малина и рум. Од засега непознати причини, 350 слонови беа пронајдени мртви покрај делтата на реката Окаванго во Боцвана. Во зоолошката во Цирих, тигрица ја уби својата чуварка, а на плажа во Јужна Каролина капачите беа шокирани од орел кој грабна ајкула од океанот. Во епрувета во Виена, процвета билка од фамилијата каранфили стара 32 илјади години, чиј геном преживеал во 38-метарската подлога на сибирскиот пермафрост. Користејќи рецепти од глинени плочки, професорот по конзерваторска билогија на Универзитетот во Кембриџ Бил Сатерленд зготви месопотамиско јадење старо 3770 години. Во писмо за медиумите, најпреведуваниот жив француски писател Мишел Уелбек изјави дека пандемијата ја откри толку спокојната бесрамност на фактот дека секој живот нема иста вредност. Потресен е композитниот портрет од фотографии на 198 медицински работници кои ја изгубија битката со корона вирусот.

Тежината на пандемијата најсилно се одрази во Америка, па многу од тамошните џинови на бизнисот и економијата се соочуваат со кризата на неуспехот. После само шест месеци, 780 милиони луѓе се во долгови, а десетици илјади компании банкротираа. Барањата за невработеност достигнаа повеќе од 38 милиони, невработеноста е преку 25 проценти, па од 160 милиони работници, речиси 40 милиони се невработени. Без приходи, побарувачката на потрошувачите драстично ќе падне, економијата ќе влезе во слободен пад, а вистинското влијание на Ковид-19 врз економијата ќе биде познато дури во третото тромесечие од 2020 година. Но, огромното зголемување на интернет купувањето за време на пандемијата, го зголеми богатството на основачот на „Амазон“ на речиси 172 милијарди долари, што е нов рекорд според индексот на милијардери на „Блумберг“. Наспроти глобализацијата и нејзиниот слободен пазар, африканските земји сè уште ѝ плаќаат на Франција колонијална такса од 500 милијарди долари секоја година. Со изградба на џиновска брана на Нил која треба да е готова до 2022 година, Етиопија ја загрозува безбедноста на Судан и Египет. А по воениот конфликт со Кина заради границата, со цел да ги одбрани  државниот суверенитет и интегритет, Индија ја забрани употребата на 59 кинески апликации, меѓу кои TikTok и WeChat.

Пред нас е долго, топло лето со Ковид-19. Само во последните седум недели, жртвениот биланс од короната во светот е дуплиран, па се чини дека засега вирусот победува. Бројот на заболени на Балканот и натаму расте, а најавата за враќање на карантинот во Србија поради влошената ситуација со корона кризата, предизвика масовни протести кои прераснаа во жесток судир меѓу демонстрантите и полицијата. Иако пикот во Индија се очекуваше во јули и август, болниците во Њу Делхи и Мумбаи се веќе преполни. За само 21 ден, Кина го сузби вториот бран без ниту еден смртен случај, а успешно ја тестираше и вакцината на 1120 доброволци кои развиле огромен број антитела против вирусот. По успешното тестирање на војници-доброволци и Русија се подготвува за производство на вакцина против короната наменета за глобалниот пазар. Италија, Германија, Франција и Холандија потпишаа договор со фармацевтската компанија „АстраЗенека“ за 400 милиони дози вакцина против коронавирусот развиена во соработка со Оксфордскиот универзитет, а првата достава ќе биде достапна до крајот на годината. Европската комисија го одобри користењето на лекот „ремдесивир“ за третман на тешките случаи на Ковид-19, а неговата цена за петдневен третман во САД и другите развиени земји ќе изнесува 2.340 долари. Истражувачки тимови од Америка и Велика Британија тврдат дека моментално во светот доминира мутација на короната која е од три до шест пати позаразна од оригиналниот сој на вирусот со потекло од Кина. Преку отворено писмо до СЗО, група научници од 32 земји предупредија дека вирусот во помали честички во воздухот може да биде заразен, а освен досега познатите симптоми, СЗО додаде три нови, меѓу кои се болка во градите и очен притисок, потешкотија во говорот и проблем со координација на движењето на телото.

Короната трајно го затвори првиот европски Музеј на дигитална уметност во Цирих. Со цел да го означи враќањето во нормала или новата абнормалност за време на пандемијата, Париската филхармонија на реката Сена го изведе „Болеро“ на Морис Равел. На 91-годишна возраст почина легендарниот композитор Енио Мориконе, еден од највлијателните филмски композитори на 20-от век, кој зад себе остави безвременска музика за повеќе од 500 филмови. Британската кралска ковачница го овековечи Елтон Џон на златна монета од 1000 фунти, оддавајќи така почит на неговото музичко наследство. Среде кризата, во Скопје беше промовиран независниот театар „Златен Елец“, во знак на поддршка за културата Халкбанк откупи 300 билети од МНТ, а платите во културата за јули ќе се пресметуваат според новите коефициенти утврдени со Колективниот договор.

Според истражувањето на „Брима“, кај македонското население расте стравот од зараза со корона вирусот, а дури 57 отсто од испитаниците сметаат дека пандемијата сè уште не е под контрола. Битката со короната ја изгуби и првиот доктор, вирусот мутира, па сега младите се најризична категорија. Центарот за генетско инженерство и биотехнологија при МАНУ го истражува феноменот за високата смртност од Ковид-19, особено кај младите луѓе помеѓу 30-40 години кои се во добра физичка кондиција и немаат коморбидитети. Економијата е во драматичен пад, па доколку во следните два квартали едно по друго има негативни стапки на раст, голема е опасноста до крајот на годината земјата да влезе во рецесија. Иако Македонија е единствена земја во Европа која 10 години немала конкурс за национални научно-истражувачки проекти, млади инженери од Битола развија иновативен софтвер кој заменува банкари, а наредната година ќе се гради и првата современа фабрика за отпад наменета за општините од Источниот и Североисточниот плански регион.

Меѓу најзначајните романи на современета книжевност, што ги разголува човечките реакции во услови на ненадејна епидемија е најчитаното дело на португалскиот нобеловец Жозе Сарамаго „Слепило“ од 1995 година, според кое е снимен и истоимениот филм во 2008 година со оскаровката Џулиен Мур во главната женска улога. Роман-алегорија за мрачната страна на човечката природа предизвикана од епидемијата на „бело“ слепило која необјасниво се шири во еден непознат град. Заради неспособноста на владата да ја спречи хистеријата, чиј кобен резултат е физичко губење на видот, општеството се распаѓа, па во борбата за гол опстанок, луѓето стануваат безумници кои заради анималната природа ги губат последните црти на човечноста и достоинството. Преку епидемијата, идеологијата и заслепеноста, Сарамаго всушност создава истражувачка студија за психологијата на толпата и за феноменот на водачите.

Што е тоа што го гледаме, а при очи не можеме да го видиме? Какво слепило ја осакатило нашата способност за гледање? Зјапајќи само во себе и во сопствената празнотија на мислата и духот, но докрај заслепени од алчноста за пари, власт и моќ, сме станале потполно пасивни и рамнодушни на моралното и духовното слепило кое нè опкружува. Движејќи се само по линијата на помал отпор, а преправајќи се дека ништо не сме виделе, толку многу сме свикнале на слепилото на неправдата и сите грозотии на современиот свет, што животот ни станал фикција, па секој протест против неа би ја нарушил нашата лажна сигурност. Оние слепци кои сакаат да водат, без поговор ја прифаќаат илузијата на негледањето. А оние слепци кои сакаат да бидат водени, послушно и понизно ги следат водачите слепци по патот, целосно заразени од нивното слепило. А во суштина, и водачите и поданиците се подеднакво заслепени, секогаш подготвени во име на целта која ги оправдува средствата, да се спуштат до самото дно на моралот. Слепиот човек нема очи, но затоа умее да гледа со срцето. А слепецот има потполно здрави очи, но е духовно слеп, морално и интелектуално накажан, па затоа и подложен на манипулација. Нашата дијагноза на слепило е предупредување. Само оној што „гледа“ може да види. И само тој може да направи промена и на слепците да им го покаже патот. Она што нѐ спречува да станеме „слепци“ не е во сетилата, туку во слободната волја.

(Васил Зафирчев е актер)