„Дневник“ анализира: Зошто укинувањето на бугарското вето нема да се случи сега?


Димитар Ковачевски и Кирил Петков положија цвеќе на спомениците на Кирил и Метдоиј и на Климент и Наум

Бугарскиот весник „Дневник“ ги анализира шансите да се дигне ветото на Бугарија за Македонија во ЕУ  заклучувајќи дека нема шанси тоа да се случи сега, т.е. на самитот во јуни, пред се поради внатрешни политички превирања, но со забелешка дека притисокот тоа сепак да се случи значајно се зголемува од оваа недела.

Според „Дневник“ откако пред околу една недела станало јасно дека средбата меѓу владите на Бугарија и Северна Македонија, што се очекуваше во мај, нема да се одржи, премиерите Кирил Петков и Димитар Ковачевски ќе се сретнат во Рим на 23 мај – само за да положат цвеќе и да оддадат почит на светите браќа Кирил и Методиј.

„На втората меѓувладина средба се очекуваше да се измери напредокот во решавањето на спорот и да се направи чекор кон договор. Но, од Софија сега порачуваат дека  „она што владата и премиерот би сакале да го видат за да продолжи дијалогот, е доказ дека Северна Македонија има сериозен однос кон јазикот на омразата и дискриминацијата кон бугарското етничко население“. Јавно не е познато кои се точно доказите што ги бара Бугарија, но дури и да бидат претставени пред делегацијата во Рим и да придонесат за идниот состанок со владата во Скопје, нема да се тргне ветото“, пишува „Дневник“. Притоа медиумот оценува дека спакувана како „надворешен притисок“  македонската влада ќе прифати договорот што ќе се постигне со Бугарија да биде дел од преговарачката рамка и дека лично Урсула Фон дер Лајен тврдела дека ЕУ же биде гарант на тоа. 

„Според претходните барања на премиерот Кирил Петков, клучот за укинување на ветото за Северна Македонија е промената на Уставот, каде Бугарите треба да бидат регистрирани како полноправна заедница, заедно со другите како Албанците, Турците и Бошњаците. „Ако сакаме да се смени уставот пред Северна Македонија да тргне на европскиот пат, тоа е многу тешко, но ако кажеме „добро, нема тргне, го симнуваме ветото, но првото поглавје не може да се отвори без да се смени уставот, тоа ќе биде во нивниот договор со Европската унија што го поставува патот на Северна Македонија како земја членка“, рече Петков на 23 април.

За Северна Македонија зборовите на Петков значат застој во преговорите : ќе  се одобри само преговарачката рамка, а потоа секое поглавје ќе се одобрува по препорака на Европската комисија и со одлука на Советот, т.е. и со гласот на Бугарија. Слично, во април 2020 година, Софија го одобри почетокот на преговорите „во принцип“, за да потоа ја блокира меѓувладината  конференција половина година подоцна. Со други зборови, ветото на Бугарија може да се укине дури и пред самата промена на македонскиот устав, но не без јасна заложба за тоа. Дополнително, доколку во иднина се покаже дека Северна Македонија не го почитува договорот, Бугарија може повторно да го запре нејзиниот пат кон Европската унија“, пишува во анализата „Дневник“, по што го цитира ставот на премиерот Петков кажан деновиве:

„Овие 10 години треба да ни бидат надеж  дека со многу работа и со заеднички јазик ќе ги промениме работите што сакаме да ги промениме“, изјавил премиерот Петков. Според него, за време на посетата на Софија на почетокот на април, претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен изјавила дека „ се подготвени да бидат гарант“. На сличен начин зборувал  и копретседавачот на Демократска Бугарија, Христо Иванов, кој неодамна коментирал дека „Бугарија може да го запре процесот на преговори во која било фаза. Поентата е тоа да го направиме на начин на кој навистина можеме да ги заштитиме нашите интереси со поддршка на Европската Унија“, оценил тој.

„Ако темата за уставот не изгледаше целосно прифатлива за Северна Македонија кога првпат беше усвоена пред една година, денес не е прашањето дали, туку кога. Процесот може да потрае меѓу шест месеци и година и половина: почеток на промените, дебати, двотретинско мнозинство гласови во парламентот, што ВМРО-ДПМНЕ, најголемата опозициска партија во Скопје, прво одби да ги даде. Во последно време се намалуваат пораките за можно гласање „против“ од македонската опозиција. Во Бугарија, сепак, почнаа да се слушаат позиции (вклучително и од претседателот Румен Радев) за завршување на процесот или барем на  парламентарното гласање пред да се укине ветото. Спротивно на тоа, минатиот месец владата преговарала за можноста да објави укинување на ветото на денот кога Северна Македонија ќе го започне уставниот процес“, тврди „Дневник“.

Но, според медиумот, тоа го отежнале коалициските разлики, како и судирот  со Радев.

„Радев е меѓу влијателните поборници на тезата дека прво мора да се внесат Бугарите во Уставот и дури потоа да се укине ветото. Оваа позиција е неприфатлива за Скопје. Министерот за надворешни работи Бујар Османи неделава рече дека во спорот „топката е во Софија“ и дека провокатори во Бугарија го саботираат процесот. Зад очигледниот напад на Османи, сепак, стои признанието дека голем проблем останува уставното прашање: во моментов на маса има  компромиссен предлог меѓу бугарското барање прво да се заврши процесот со Уставот и македонското барање ветото да се тргне кога тој процес ќе се активира. Но, Скопје не е подготвено да чека со месеци додека не заврши процедурата, го цитира „Дневник“ Османи.

„Неспорна е опцијата за отворање на Уставот“, изјавил Владо Бучковски за бугарските медиуми иако не е веќе дел од преговорите за спорот. „Опозицијата ќе го поддржи. прашањето е каква ќе биде обврската на Бугарија. Ако Бугарија го тргне ветото, кога ќе ја поминеме првата фаза -одобрување во Парламентот со двотретинско мнозинство – до финализирање на промената можат да поминат 18 месеци. Што ќе се случува во тој период , како ќе се обезбедат гаранции“, изјавил Бучковски, препорачувајќи максимално искористување на други инструменти , како гаранции за права, да се измислат формати за отчет, да се организираат средби или извештаи околу тие инструменти и механизми, на еден месец, на шест месеци или на година. 

Притоа „Дневник“ оценува дека укинувањето на ветото за  Северна Македонија е многу тешка задача и поради внатрешниот коалициски конфликт околу темата, особено поради постојаните изјави на еден од партнерите „Има таков народ“ за „нерегуларни обиди на Кирил Петков и неговите советници да го заобиколат националниот интерес“. Тезата често ја повторува и заменикот  лидерот на партијата Тошко Јорданов:„Има два вида разговори со европските партнери – на официјално ниво, на кои присуствува и министерот за надворешни работи (Теодора Генчовска од „Има таков народ“) и на неофицијално ниво, каде практично се прават обиди да се заобиколи коалицискиот договор“. 

„Додека не се спроведе договорот меѓу двете земји, нема да се согласиме за почеток на преговорите“, изјавила лидерката на БСП, Корнелија Нинова.

„Поради очигледното противење на двајца од коалиционите партнери, премиерот Кирил Петков постојано повторува дека „оваа влада нема да направи ништо без  бугарскиот парламент“, откако Слави Трифонов повторно го обвини на Фејсбук дека „некаде тајно е договорено подигање на ветото за Северна Македонија“.

Претставниците на партијата на Слави Трифонов често повторуваат, слично на неодамнешната изјава на претседателот Румен Радев, дека има притисок врз Бугарија, Северна Македонија да започне преговори со Европската комисија. Владата негира каков било притисок, но факт е дека прашањето за спорот на Бугарија со Северна Македонија повторно се поставува сега пред завршувањето на француското претседателство: состаноците се зголемуваат, има зголемени повици за решавање на спорот, како што беше последнава година и пол под германското, португалското и словенечкото претседателство со Европската унија.

Така, европскиот министер за надворешни работи Жозеп Борел повика спорот да се реши што е можно поскоро; Во Софија за неколку дена пристигнаа холандскиот премиер Марк Руте, еврокомесарот за проширување Оливер Вархеи (кој пред еден месец рече дека е подготвен да доаѓа толку често колку што е потребно и  американскиот помошник државен секретар Карен Донфрид. Францускиот претседател Емануел Макрон разговараше со Петков, Радев и Ковачевски, а следниот месец во регионот се очекува и германскиот канцелар Олаф Шолц, со кого претседателот Радев се сретна пред неколку дена“, пишува „Дневник“.

Според медиумот Бучковски има поинаква идеја за тоа како изгледа „притисокот“ во Скопје: тој го гледа дури и во различноста на ставовите искажани од премиерот, министерот за надворешни работи и претседателот, збунувајќи ги „и најдобронамерните политичари во Скопје кои се борат да го решат спорот“. Недостига доверба и тоа, според него, бил главниот проблем. „Во Скопје не веруваат дека само Петков може да биде гарант за тоа што ќе се договорат двете влади“, изјавил Бучковски за „Дневник“. Истото го порачал и неговиот претходник Љубчо Георгиевски .

Бучковски гледа „политички сметки“ во однесувањето на бугарската влада, но и во Македонија:

„ВМРО-ДПМНЕ се врати на обвинувањата дека кабинетот на Ковачевски не успева во преговорите со Бугарија и може само да ги заврши само нанесувајќи штета на  националните интереси.

„За жал, мислам дека и Европската унија си прави сметки“, вели тој, наведувајќи го отпорот на Германија да пишува „билатерални прашања“ во преговарачката рамка на Северна Македонија за пристапниот процес.

Бугарија се потпира на некои од гаранциите дека Северна Македонија ќе се придржува до идниот договор, дека тој  ќе влезе во преговарачката рамка и ќе стане де факто услов за членство во ЕУ (нешто што веројатно ќе се опише како „притисок“ во Скопје). Европската комисија покажа дека е подготвена да го прифати ова за време на посетата на Фон дер Лајен на Софија, но не сите членки на ЕУ го делат истиот став. Европскиот парламент вчера ги повика Софија и Скопје своето билатерално прашање да го решат надвор од преговарачкиот процес и го повика Советот веднаш да одлучи за преговорите“, заклучува „Дневник“.