Дневна евтина струја нема да добијат сите граѓани наеднаш

Не може да се примени одеднаш бидејќи нашите броила во најголемиот дел немаат далечинско отчитување и за сите ќе треба да се излезе на терен да се променат, вели Бислимоски


Фото: Б. Грданоски

 

Дневната евтина тарифа за струјата дефинитивно се враќа, но таа нема да се примени наеднаш за сите граѓани, најави денес претседателот на Регулаторната комисија за енергетика Марко Бислимоски. Тој исто така објасни дека во наредните две недели ќе се знае и точно кои два часа во периодот од 11 до 16 часот ќе се применува дневната евтина тарифа. 

„Не може да стапи одеднаш бидејќи нашите броила во најголемиот дел немаат далечинско отчитување и за сите ќе треба да се излезе на терен да се променат. Тоа и порано беше така, при укинување на евтината дневна тарифа. Мора да се излезе на терен и да се направи на лице место промена за можноста за дополнителна евтина тарифа во текот на денот“, изјави Бислимоски по одржаниот семинар за медиумите за енергетскиот сектор во нашата земја во организација на УСАИД и РКЕ.

„Последна работа која што ни е останата е да видиме дали се потребни софтверски измени и на броилата. Врз основа на тоа и ќе ја донесеме одлуката. Но, јасно е дека евтина тарифа ќе биде воведена, односно ќе биде вратена како што ветивме кога ја укинавме и кога како држава бевме соочени со драматична енергетска криза и имавме драматично високи цени“, рече Бислимоски.

Тој посочи дека во наредните 10 до 15 дена ќе ја информираат јавноста кога точно и за кој период ќе започне примената на евтината тарифа.

На прашањето Дали ќе биде од 2 до 4 часот тој рече дека се прават последните анализи, како и дека се следат и случувањата на берзата.

„Јасно е дека ќе биде во периодот од 11 до 16 часот, но точно кои два часа ќе бидат ќе ни покажат последните анализи кои што ги правиме со цел да важи во период кога реално имаме најниски цени на пазарот на електрична енергија и во Македонија, а и во регионот“, рече Бислимоски.

Тој додаде дека со операторот на дистрибутивниот систем веќе биле одржани неколку состаноци со цел да се прецизираат претпоставките како ќе оди промената на софтверот на броилата.

„Тоа е потребно бидејќи за разлика од претходно, сега во скапата тарифа имаме четири посебни блока, односно четири посебни цени. Исто така сигурно ќе треба да се направи промена и на системот за наплата, односно таканаречениот билинг систем, имајќи предвид дека за одредена количина на електрична енергија во билингот треба да се интервенира бидејќи нема да биде во ниту еден од блоковите, туку ќе отиде во евтината тарифа“, посочи Бислимоски.

На работилницата за медиумите тој меѓу другото го презентираше начинот на воведување на евтината тарифа, како и движењата на цените на берзата за електрична енергија Хупекс. Така во текот на денешниот ден, во периодот од 10 до 16 часот, имаше или негативни цени кои што не се мали, некаде и до 20 евра за мегават час, или цените многу блиску до нула.

Фото: Б. Грданоски

„Значи, во воведувањето на евтината тарифа нема никаква политика, туку е само следење на пазарот на електрична енергија не само во Македонија туку и во регионот“, нагласи Бислимоски.

Тој додаде дека единствена цел е во тој период, во тие два часа, да се испрати сигнал да се купува евтина електрична енергија од фотоволтаиците и за сметка на тоа да се заштеди водата како многу битен ресурс, а исто така да се заштеди јагленот.

„Да си ја чуваме водата и да си го чуваме јагленот, затоа што ни претстои нова грејна сезона кога треба да бидеме подготвени и да обезбедиме електрична енергија, како што направивме и минатата година, пред се од домашно производство“, рече Бислимоски.

Она што е јасно, додаде тој, е дека оваа година повторно ќе има нов рекорд на новоизградени електрани од обновливи извори.

Така, Регулаторната комисија за енергетика заклучно со денес има издадено лиценци за 92 мегавати ново инсталирани фотоволтаични електрани, а притоа има постапки во кои што имаат добиено привремени лиценци за околу 80 мегавати.

„Допрва ги чекаме најголемите фотоволтаични електрани кои што треба да ни е се приклучат во текот на годината. Верувам дека ќе имаме некаде околу 250-300 мегавати ново инсталирани производствени капацитети од фотоволтаици. Од аспект на инсталиран капацитет тоа е на ниво од еден блок на РЕК Битола, само за една година. Ако се додадат и за минатата година, само за две години ќе бидат изградени фотоволтаици колку 1,5 блок од РЕК Битола“, рече Бислимоски.