ДКСК се правда, немала надлежност да спроведува истрага


Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК) при разгледување на предметите фактите ги утврдува преку информации кои ги прибавува од други надлежни институции и при носењето на одлуките постапува исклучиво во рамките на законските надлежности, информираат од Антикорупциска, посочувајќи дека во однос на предметот за директорот на АНБ, што се однесува на оспорената факултетска диплома, надлежна институција која ги утврдува фактите е Државниот просветен инспекторат врз основа на чиј записник од спроведен инспекциски надзор е донесена одлуката на ДКСК.

– Во однос на овој случај, сакаме да укажеме дека ДКСК нема надлежност да презема истражни дејствија во однос на веродостојноста на сертификатот за познавање на странски јазик и тоа прашање е во надлежност на истражните органи, информираат од ДКСК.

Од Антикорупциска, исто така, укажуваат дека соработката на членот Цвета Ристовска со Универзитетот за туризам и менаџмент била на ниво гостин предавач.

-Што се однесува до членот на ДКСК Цвета Ристовска, сакаме да укажеме дека нејзината соработка со Универзитетот за туризам и менаџмент Скопје била на ниво на гостин предавач и никогаш за финансиски надомест или друг тип договорна соработка. Оттаму, сметаме дека не постои никаков судир на интерес бидејќи нема никаква поврзност со наведниот универзитет, посочуваат од ДКСК.

ДКСК претходно констатира дека нема основа за постапување по пријавата за судир на интереси и корупција при именувањето на директорот на Агенцијата за национална безбедност, Бојан Христовски.