ДКСК ги оспори именувањата во Управниот одбор на Академијата за судии и обвинители


Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) оцени дека Судскиот совет и Советот на јавни обвинители постапиле незаконски со одлуката за номинирање на два члена од своите редови за членови на Управниот одбор (УО) на Академијата за судии и јавни обвинители (АСЈО).

Образложувајќи го предметот, кој Антикорупциска го отвори по сопствена иницијатива, членот на ДКСК, Билјана Каракашова-Шулев, рече дека назначувањето на членови на УО на Академијата за судии и јавни обвинители од редовите на Судскиот и Советот за јавни обвинители е спротивно на одредбите од членот 44 од Законот за спречување на корупција и судир на интереси, кој гласи:

„Избрано или именувано лице за време на траењето на неговиот мандат е должно да ги почитува правилата за неспоивост на функција која ја врши со други функции или дејности утврдени во Уставот и законите.“

Назначувањето на членови во Управниот одбор на Академијата, како што рече Каракашова-Шулев, треба да биде од редовите на судиите, односно на јавните обвинители, а не од редовите на членовите на овие две тела. Во периодот на вршење на функцијата член на Судскиот, односно на Советот на јавни обвинители, како што додаде, функцијата судија или обвинител на членовите на овие тела е во мирување. Судирот на интереси се јавува бидејќи, како што посочи Каракашова-Шулев, Управниот одбор на Академијата одлучува по жалби на кандидатите за судии и јавни обвинители.

Поради утврдениот судир на интереси, Антикорупциската комисија на денешната седница донесе одлука со која ги повикува Судскиот и Советот на јавни обвинители да преземат мерки со кои ќе ја стават вон сила ваквата одлука.

„Државната комисија за спречување на корупцијата согласно член 40 од Деловникот предлага да побара од Судскиот совет и Советот на јавни обвинители да преземат мерки за надминување на состојбата на начин што пред отпочнување на мандатот на новите членови на АСЈО, а најдоцна до истекот на мандатот на сегашните членови на АСЈО, ќе ги стават вон сила своите одлуки кои се спротивни на Законот за судир на интереси и Закон от за Академија за судии и јавни обвинители“,рече членот на ДКСК, Билјана Каракашова-Шулев, на денешната седница на Антикорупциската комисија.

Судскиот и Советот на јавни обвинители преку соопштенија објавени на своите веб-страници на 4 ноември годинава одговорија на реакциите во јавноста во врска со номинирањето членови на овие две тела во Управниот одбор на АСЈО. Оттаму оценија дека нема ништо незаконито во нивните одлуки и оти номинацијата на нивните членови била извршена транспарентно на јавни седници. Нивните реакции следуваа откако дел од политичките партии, но и невладиниот сектор излегоа со забелешки на тоа што за членови на Академијата се предложени актуелни членови на овие две тела, што според нив, е во спротивност со Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси.