Дивна Пешиќ Грозданов склучи црковен брак во венчаница „Летиција“, инспирирана од Салвадор Дали (фото)
Дивна Пешиќ-Грозданов, најдобар стрелец на сите времиња со малокалибарска и воздушна пушка во Македонија, а сега призната уметница, по една деценија од граѓанскиот брак, се заколна на вечна љубов пред Бога во црквата св.Петка во Кавадарци.
Пешиќ, веќе единаесет години живее со семејството во Вудланд Парк во Њу Џерси. Со сопругот Блаже, во присуство на двата сина, Стефан и Виктор, ја остварија најголемата желба и специјално допатуваа во Кавадарци, за да склучат црковен брак во присуство на најблиското семејство и пријателите, и потоа да прослават во винаријата Тиквеш.
Нејзината венчаница ја дизајнираше реномираната дизајнерка Антонија Ристовска, а креацијата е инспирирана од Салвадор Дали, и се вика Летиција, според шпанската кралица.
Пешиќ-Грозданов како најдобар стрелец на сите времиња со малокалибарска и воздушна пушка во Македонија, има 37 државни рекорди во женска и машка конкуренција. Беше балкански шампион и двапати учествуваше на Олимписките игри, Сиднеј, Австралија (2000) и Атина, Грција (2004) и има постигнато врвни резултати на европските и светските натпреварувања.
Со сликарство, техника масло на платно, започнала да се занимава на 13-годишна возраст и има реализирано повеќе изложби во земјава и во странство и на тоа поле ниже успеси. Неодамна освои светски признаени награди во оваа област. Најновата интернационална награда е прво место во светот на World Art Awards 2024, со делото „Еволуција”, масло на платно, 40х30 инчи, во категорија апстрактен експресионизам.
„Многу се гордеам што 20 најдобри светски галерии го наградија мојот труд со прво место во светот, вели Дивна, која летото ќе го помине во родното Кавадарци. (Л.С.)
Фото: ФБ на Дивна Пешиќ Грозданов