Дива свиња протрча низ Куманово – животното е евтанизирано


Дива свиња која трчала по неколку улици во Куманово утрово ги вознемири граѓаните. Животното, кое прво било видено на улицата „Никола Тесла“, а подоцна и кај градскиот стадион, но и во други делови од централното градско подрачје, е заловено и евтанизирано. Случајот во СВР Куманово бил пријавен во 3.30 часот, потврди МВР.  

Очевидци раскажаа дека животното панично трчало во тој дел од градот. Кумановци не го криеја изненадувањето како диво животно се нашло во урбана средина.

Од Агенцијата за храна и ветеринарство го потврија случајот и велат дека се преземени сите мерки.

Официјален ветеринар на Агенцијата за храна и ветеринарство издал  решение за нештетно отстранување (закопување во јама гробница), на труп од дива свиња, која утрово е евтаназирана во сточарскиот ветеринарен центар „Тодор Велков” во Куманово.

-Станува збор за единка, за чие присуство во градот Куманово, во раните утрински часови било алармирано од страна на граѓани, а во чие заловување биле вклучени официјални ветеринари, припадници на Министерството за внатрешни работи и од ветеринарната станица „Тодор Велков”, се вели во соопштението на Агенцијата за храна и ветеринарство.

 При еутаназирањето на дивата свиња од страна на официјален ветеринар на Агенцијата,  исполнети се барањата од законите за здравствена заштита и благосостојбата на животните. Земени се мостри за лабораториско испитување и детектирање на евентуално присуство на вирусот на класична и африканска свинска чума.