Дискографската куќа „Фидбокс“ во Скопје бара нови соработници


Овој петок (13 септември) во 13 часот, во МГ барот во Скопје (булевар Партизански одреди 101), пред македонската јавност ќе се претстави српската дискографска куќа „Фидбокс“, со седиште во Стара Пазова.

Промоцијата на „Фидбокс“ во Скопје е замислена како дружење со македонските медиуми, музички продавници и изведувачи, кои се во потрага по дискографска куќа.

За таа цел во Скопје ќе престојува првиот човек на „Фидбокс“, Горан Јовиќ, и самиот музичар.

Дискографската куќа „Фидбокс“ постои од 2012 година, а под нејзините закрила досега се објавени винилните изданија на „Рибља чорба“, Бајага и „Инструктори“, „Ван Гог“, група „Фит“, „Тунел“, „Вуду Попај“, „Атомско склониште“, Никола Чутурило…

Оваа пролет во соработка со ПГП РТС, „Фидбокс“ повторно го реиздадоа на грамофонска плоча првиот албум на Бајага – „Позитивна географија“, со кој пред 40 години ја почна својата соло-кариера, а веќе за следната година се најавува и објавување на култниот „Са друге стране јастука“.