Директорот на „Стрежево“ не му кревал телефон, па Цветан Панделески ја блокирал сметката на хидросистемот

Случајот со свлечиштето од 2015 година се претвори во судска сага со милионски отштети. Се вмеша и каприцот


Директорот на ЗК „Пелагонија“ Цветан Панделески

 

БИТОЛА – Бизнисменот Цветан Панделески, првиот човек на ЗК „Пелагонија“ од Битола наводно се решил да ја блокира сметката на хидросистемот „Стрежево“ поради игнорантскиот однос на директорот Методија Граматковски, кој не му кревал телефон на бизнисменот. Од Комбинатот велат дека претходно двајцата имале комуникација. Наводно, Граматковски ветил да помогне околу плаќањето на концесијата на Комбинатот кон Министерството за земјоделие, но потоа  решил да не одговара на телефонските повици на бизнисменот. Панделески возвратил со извршител и ја блокира сметката на „Стрежево“.

Вака накратко може да се  опише суштината на најновиот проблем кој изби меѓу државната компанија „Стрежево“ Битола и најголемиот земјоделски комбинат во државата „Пелагонија“ од Битола, чии ниви се наводнуваат од стрежевската акумулација.

Во одговорот испратен до „Независен“, а потпишан од извршениот директор на ЗК „Пелагонија“ Битола, Весна Белешовска-Бунтеска се вели: „На 31.07.2023 година ЗК ‘Пелагонија’ имаше обврска да ја доплати концесијата кон МЗШВ во износ од 52.000.000 денари, за што во претходен разговор помеѓу господинот Цветан Панделески, претседател на одборот на директори на ЗК ‘Пелагонија’ со директорот Методија Граматковски му беше ветено дека ‘Стрежево’ ќе помогне со максимален можен износ. На 31.07.2023 на Методија Граматковски му беше пратена порака потсетување дека 31.07. е краен рок за плаќање на концесијата, но не нѐ удостои со одговор, како ни по повеќекратни телефонски повици од страна на г-динот Панделески, воопшто не ни одговори. Поради ваквиот игнорантски однос на директорот Граматковски и неможноста да воспоставиме комуникација, бевме принудени да поведеме извршување и ја блокираме сметката на ЈП ‘Стрежево’“, наведува Белешовска-Бунтеска.

Како што објави „Независен“, на 1 август годинава, ЗК „Пелагонија“ го блокира „Стрежево“ за неисплатена камата од околу 26 милиони денари, парите се должат од судски спор (во 2015 година се појави свлечиште на каналот за вода  во село Драгарино и нивите на комбинатот 56 дена беа речиси без наводнување) во кој „Стрежево“ Битола загуби и му исплати на комбинатот „Пелагонија“ отштета во висина од 1 милион евра. Лани оваа сума му беше  исплатена експресно, а Граматковски кажа дека тоа биле пари од претпријатието „сопствени заштедени средства“.

Потоа „Стрежево“ доплати и 19 милиони денари за камати (од вкупно 45 милиони денари) и 800 илјади денари судски трошоци. Останаа да се исплатат уште околу 26 милиони денари остатокот од каматите и од комбинатот на Панделески велат дека Граматковски ветил па игнорирал.

„ЗК ‘Пелагонија’ по добивањето на пресудата од страна на Апелацискиот суд Битола од 11.01.2022 година, не ја блокираше сметката на ‘Стрежево’ и побара спогодбено да се плаќа на рати со цел да не се прават нови жалби и да не продолжува спорот. Меѓутоа тој договор делумно се испочитува и ‘Стрежево’ повторно почна да го оспорува одлучувањето на Судот, кој одлучи повторно на ист начин со усвојување на тужбеното барање на ЗК ‘Пелагонија’ со пресуда донесена од Апелацискиот суд Битола од 14.06.2023 година. И покрај потврдата на одлуката во корист на Комбинатот, ние сепак не пристапивме кон извршување, туку повторно понудивме плаќање на рати, согласно можностите на ‘Стрежево’ и нашите потреби“, го образложуваат од Комбинатот односот кон државното претпријатие и потегот за блокираната сметка.

Закачка меѓу „Стрежево“ и ЗК „Пелагонија“ имало и во 2019 година, кога државната фирма го блокирала Комбинатот заради неисплатени обврски. Но, како што велат од Комбинатот, тогаш Судот во Битола не дозволил одлагање на извршувањето, а сега за „Стрежево“ експресно донел решение во корист на државното претпријатие.

Ова значи дека сега наплатата на долгот е стопирана за три месеци, а сметката на „Стрежево“ е функционална.  

Директорот Граматковски ги негира обвинувањата од ЗК „Пелагонија“ и вели дека никого не игнорирал.

„Не е точно. Се слушнавме и Панделески бараше да му дадам средства, имал за плаќање концесија. Јас средствата ги планирав за плата и други трошоци. Ние немаме никаква врска спрема нив за концесијата. Ниту имаме допирна точна со нивната концесија“, вели Граматковски.

Судскиот спор меѓу „Стрежево“ и комбинатот на Панделевски нема конечна судска разврска. Граматковски првично потврди дека „предметот по одлуката лани од Апелацискиот суд го обжаливме пред Врховен суд. Врховен ја прифати нашата ревизија и повторно го врати на разгледување во Апелација во Битола. Истиот судски совет пресуди во корист на ЗК ‘Пелагонија’. Ние пак се жалевме и сега предметот е на повторно одлучување во Врховен суд“.