Директорот на РЕК „Битола“ вели дека „Марковски Компани“ ја загрозил енергетската стабилност на државата
Директорот на РЕК „Битола“, Тони Петрушевски, денеска во писмена изјава до медиумите, потврди дека енергетскиот комбинат еднострано го раскинал договорот за ископ на јаглен и меѓуслојна јаловина со фирмата „Марковски компани“ поради, како што се наведува, „несовесно и неквалитетно извршување на преземените обврски“. Со раскинувањето на соработката активирана е и банкарската гаранција во износ од 120 милиони денари поднесена од предметната фирма.
„Носителот на набавката не ги испочитува предвидените обврски за одговорно, целосно, стручно, квалитетно, совесно и навремено извршување на задачите согласно техничката спецификација. Овој економски оператор, со неодговорно постапување, покрај тоа што во континуитет не успевал да ги испорача договорените количини на јаглен, директно ја загрозил енергетската стабилност на државата“, вели во изјава за медиумите, директорот на РЕК „Битола“
Во тој контекст, како што посочува, со несоодветна динамика за отстранување на јаловинските маси ја нарушил геомеханичката стабилност на рудникот Брод Гнеотино. Поради неиспорачаните количини и кршењето на договорните обврски од страна на предметниот оператор, РЕК „Битола“ бил принуден да врши дополнителна набавка на јаглен за да овозможи стабилна и континуирана работа на блоковите во ТЕ „Битола“.
„За да биде појасно, би сакал да посочам дека на раскинувањето на соработката претходеа опомени и укажувања од раководството на РЕК ‘Битола’, дека операторот не ги реализира договорните обврски според утврдениот обем, динамика и квалитет. Но, и покрај укажувањата, продолжи несериозниот однос преку флагрантно кршење и непочитување на договорените обврски“. вели Петрушевски.
Станува збор за договор склучен на 13 февруари годинава чие извршување престанува да важи согласно член 15 според кој една од страните може да го раскине пред истекот на важноста, доколку другата страна не ги извршува договорните обврски.
Инаку, од вчера, РЕК „Битола“ произведува електрична енергија со трите термоблокови, односно со максимален капацитет.
Во писмената изјава се посочува дека меѓу предизвиците со кои се соочи актуелното раководство на Комбинатот беа катастрофалната состојба во постојните рудници без откривка на јаглен, несоодветно направени ремонти или воопшто неизвршени техничко технолошки зафати во пресрет на грејната сезона и увоз на скап и неквалитетен јаглен.
„Со натчовечки напори и ангажман на вработените, за краток период е оспособен за работа термоблокот ‘Битола 1’, со цел, со оглед на фактот што не подлегнал на редовен годишен ремонт, колку што е возможно, да помогне во зголемување на домашното производство на електрична енергија и да придонесе кон енергетската стабилност на државата во пресрет на зимата“, вели Петрушевски, додавајќи дека еден од предизвиците со кои се соочиле во изминатиот период е реализацијата на јавните набавки и затекнатите договори со надворешни фирми кои се ангажирани за ископ на јаглен и јаловина во рудниците во Комбинатот.
Како што нагласува, економските оператори „подолг период манифестирале непочитување на договорните обврски по сите основи, притоа грубо прекршувајќи ги одредбите од договорите кои ги имаат склучено со РЕК „Битола“, а еден од таквите примери е односот на ангажираната фирма „Марковски компани“, што било и причина за едностраното раскинување на договорот.