Директорот на Клиниката за неврологија зборува за „бело“. Веднаш е разрешен

Откако на Икс се појави видео во кое директорот на Клиниката за неврологија, Игор Кузмановски (кадар на ВМРО-ДПМНЕ), разговара со друго лице за како најдобро да се конзумира дрога, тој е веднаш разрешен. Кузмановски на директорската позиција беше поставен во август годинава. Министерот за здравство, Азир Алиу веднаш го разрешил по објавувањето на видеото.
На видеото, Кузмановски меша бела прашкаста материја во чинија, зборува за неа со асоцијација за кокаин и разговара со друго лице кое најверојатно го снимало видеото.
„Ако е малце измешано одма ти го враќам, ќе ги фрлам, јас не можам со спидо и амфетамини да шмркам бело, само ако не е добро. Сакаш да го пробаш и да кажеш дали е добро“, му вели Кузмановски на соговорникот во видеото објавено на Икс.
Од Министерството за здравство преку соопштение ја потврдија веста и информираа дека во најкраток рок ќе биде именуван нов директор согласно законските процедури.
„Работата на Клиниката продолжува непречено“, велат од Министерството за здравство.
ВМРО-ДПМНЕ ја поддржува одлуката директорот да биде разрешен од функцијата, соопштија од владејачката партија.
„Немаме сомневање дека јасно и недвосмислено институциите треба да постапат во согласност со законот и утврдените процедури. Извршувањето на јавна функција носи конкретни обврски и одговорности. Нашата заложба е правилата и законите да важат за сите подеднакво и управувањето на институциите мора да биде во согласност со вредносниот систем на одговорност за кој се залагаме и ќе продолжиме да се бориме“, се наведува во сопштението на ВМРО-ДПМНЕ.