Директорот на АНБ им делеше плакети на премиерот и министри

Лани Бојан Христовски ќе ја затвораше АНБ, сега е горд директор. Трета плакета или орден за Христијан Мицкоски за 50 дена


Дури и министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска доби плакета од тајната служба, АНБ

 

Пред една година пишуваше на Фејсбук: „Нека е честит петтиот и последен роденден на Агенцијата за национална безбедност“, а вчера како директор на АНБ изјави дека со гордост го одбележува денот на Агенцијата.

Така му се промени светогледот на Бојан Христовски откако стана директор на АНБ. Пред една година, на 1 септември 2024 Христовски тврдеше дека „шупливите темели на формирањето на новата Агенција во старт го зацртаа и краткиот рок на траење“. Сега зборува дека Агенција ги исполнува задачите што ѝ се доверени за да ја чува безбедноста на државата и граѓаните.

Бојан Христовски, трајно одбележан со контроверзниот серитификат за познавање англиски јазик добиен од Бугарија, реши благодарноста за оние што го штитеа јавно да ја искаже преку плакети. Па така, плакета вчера, на денот на АНБ, доби премиерот Христијан Мицкоски, министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска, министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, директорот на БЈБ, Александар Јанев. Плакети им беа доделени и на вработени во АНБ.

Зошто ја доби плакетата премиерот Мицкоски. Можеби за овие зборови кажани на свеченоста:

„Затекнатата состојба беше, не би рекол алармантна, туку дека немаше состојба. Не почнувавме од нула, имавме уништени темели, почнувавме од длабок минус, но за многу кратко време состојбата се консолидира. Очекувам резултати и поголема безбедност и за Македонија и за граѓаните. Во изминатиот период направени се голем број на успешни акции, дел од нив самостојно, дел со нашите стратешки партнери. Можам да изразам благодарност до директорот за сето она што го правеше изминатата година дена, успешно ја консолидираше Агенцијата, работиме на идни планови како безбедносниот систем на државата да го реформираме, реструктуираме, репозиционираме“.

Зошто доби министерката за финансии плакета од тајната служба на државата останува тајна.

Инаку, ова му е трето вакво признание за премиерот Мицкоски во последниве 50 дена. Во јули Црвениот крст на Македонија му додели медал како симбол на благодарност за неговата заложба за поддршка на хуманитарната мисија на организацијата. Потоа, Царинската управа на годишнината од смената на раководството му додели плакета на Мицкоски во знак на благодарност за поддршката и заложбите за соработка. Доделувањето плакети на Мицкоски како да преминува во епидемија. Дали на премиерот може да почне да му станува незгодно? Или, пак, не. (Н.В.)