Директорот на АНБ Бојан Христовски добил НАТО сертификат


Бојан Христовски, директорот на АНБ (Фото: Б. Грданоски)
Бојан Христовски, директорот на Агенцијата за национална безбедност, добил позитивно мислење и сертификат за пристап до тајните на НАТО, дознаваме МКД.МК. Ова значи дека во иднина тој ќе може да располага со сите доверливи инфомации на Алијансата.
 
Вообичаено, процесот за проверка на подобноста за добивање на пристап до НАТО тајните го води централата на НАТО и низ него длабински се проверува подобноста на кандидатот. Како што пишува МКД.МК, согласно методологијата, проверени биле и скандалите кои за Христовски ги објавуваше опозицијата и некои медиуми. Во македонската јавност актуелен беше случајот со сертификат за познавање на англиски јазик и вториот факултет што го завршил Бојан Христовски.
 
Во минатото поголем број на функционери од Македонија беа одбиени за ваков сертификат од страна на НАТО, главно поради врски со Русија,  необјасниви конта на банкарски сметки  и слични нешта што можт да асоцираат на личност од која може да протекуваат или се продаваат информации. НАТО не проверува веродостојност на дипломи и на јазични сертификати бидејќи тоа е работа на надлежните органи.