Цуцковски ја претстави програмата на 65.„Охридско лето“ пред  делегатите на ЕФА во Единбург


По објавувањето на програмата на Фестивалот „Охридско лето 2025“ на нешто помалку од три месеци, директорот на НУ „Охридско лето“, Ѓорѓи Цуцковски фестивалската програма ја презентира и пред  делегатите на Европската асоцијација на фестивали (ЕФА) што се одржува од 27 до 30 април во Единбург, Шкотска.

„Посебно сум горд што работејќи посветено и професионално, успеавме  да ги завршивме подготовките за претстојното фестивалско издание во делот на програмата и на нешто помалку од три месеци со гордост да ја објавиме но и да ја презентираме богатата и квалитетна уметничка програма и врвните уметници и пред фестивалската елита, тука, во Единбург на Самитот на фестивалите“, вели директорот Цуцковски.

На Самитот на уметнички фестивали што традиционално се одржува еднаш годишно од 1952 година ќе биде одржано и 73. Генерално собрание на ЕФА како и Средба на бордот на членови на Одборот на ЕФА.

Една од темите е разгледување на глобалните перспективи и локалните контексти како можност за поврзување и откривање на диверзитетот на различните култури. Исто така, делегатите дебатираат и за можностите за поблиска соработка помеѓу фестивалите во иднина.

„ Создадовме една нова, модерна и креативна културна вредност како дел од вековната традиција на Фестивалот, една нова форма на креативно изразување која ни го отвора патот на успешна соработка со врвните фестивали во иднина“, потенцира Цуцковски.

Во рамките на Самитот на фестивали се предвидени и повеќе работилници кои ќе се одвиваат паралелно на различни локации а на кои ќе бидат обработени различни теми поврзани со модерните предизвици во областа на културата и придобивките од вештачката интелигенција. Една од темите е и фокусот на диверзитетот, еднаквоста, инклузивноста, пристапноста и припадноста на различните фестивали- членки на ЕФА.

ЕФА асоцијацијата вклучува над 140 фестивали од 40 земји, во која фестивалот „Охридско лето“ членува од 1994 година.