Директорката што го сопре дизелот за ЈСП го одобрила луксузниот „мерцедес“ на Груевски
Откако по една деценија Маре Богева-Мицовска се врати на чело на БЈН, Бирото за јавни набавки поништи четири постапки од кои две се на јавни претпријатија во Град Скопје
Колапсот на ЈСП го предизвика Бирото за јавни набавки кое пред една недела ја поништило постапката за набавка на гориво еуродизел.
„По инструкции од Бирото да се поништи постапката во управен надзор“ – е одлуката на ова тело со која се прекина постапката предвидена со законот за јавни набавки донесена на 13 ноември (денот на ослободување на Скопје).
Скопската градоначалничка Данела Арсовска ја обвини новата директорка на Бирото за јавни набавки и премиерот Христијан Мицкоски за проблемите со превозот во Скопје.
„Кадарот на шефот на ВМРО-ДПМНЕ во Бирото за јавни набавки, Маре Богева, креира криза во ЈСП за гориво, со тоа што за првпат од постоењето на претпријатието ја поништи редовната јавна набавка за гориво во ЈСП како смислено сценарио. Од моментот кога Мицкоски отпочна да преговара со компанија за набавка на 100 електрични автобуси, кое како и ветувањето за вкупно 250 нови автобуси од програмата за Скопје, отпочна и голготата на претпријатието. Во исто време почнаа и шпекулации за урнисување на ЈСП поради можно сценарио за негова приватизација“, соопштија од град Скопје.
На веб сајтот за јавни набавки нема подетални објаснувања што е откриено и поради што е прекината постапката. Бирото за јавни набавки може да даде инструкции за прекин на тендерот после спроведување на управна контрола, стои во законот за јавни набавки. Според законот, управна контрола врши Бирото пред испраќање на одлуката за избор или за поништување на постапката. Управната контрола се спроведува во седиштето на Бирото. Во законот е наведено и дека „ако Бирото при вршење на управната контрола утврди една или повеќе неправилности кои имаат обележје на прекршок согласно овој закон или казниво дело, може да поднесе прекршочна пријава до надлежниот суд или да го извести надлежното јавно обвинителство“. Законски управната контрола се врши во рок од 10 дена и во тој рок се прекинува постапката до завршување на контролата.
Во член 177 од Законот за јавни набавки е наведено дека „Доколку Бирото најде неправилности кои влијаат врз исходот на постапката, ќе даде инструкции што треба да преземе договорниот орган за да ги отстрани неправилностите или да ја поништи постапката доколку во оваа фаза од постапката истото не е можно.“
Врз основа на таквите инструкции од Бирото за јавни набавки, огласот за нафта на ЈСП е поништен и потоа е распишан нов. Во меѓувреме ЈСП остана без доволно нафта и градскиот превоз колабираше бидејќи речиси сите автобуси се повлекуваа од улиците.
Скопската градоначалничка Данела Арсовска ја обвини новата директорка на Бирото за јавни набавки и премиерот Христијан Мицкоски за проблемите со превозот во Скопје.
Директорката на Бирото за јавни набавки Маре Богева-Мицовска е назначена на таа позиција во јули 2024. Има докторско звање со научни трудови од областа на јавни набавки и ревизија. Била директорка на Бирото и во време на владата на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ во премиерскиот мандат на Никола Груевски. Ја извршувала директорската функција во период меѓу 2006 и 2014 година. Неколку јавни набавки од тој период, што таа не ги прекинала („мерцедесот“ на МВР, возила во МВР, набавки за „Скопје 2024“) беа истражувани од страна на СЈО, а за некои како случајот „Тенк“ за блиндираниот „мерцедес“ купен од МВР имаше обвинение и судски пресуди со затворски казни за Груевски и Гордана Јанкуловска.
Откако по една деценија Богева-Мицовска се врати на чело на БЈН, Бирото со инструкции поништи четири постапки од кои две се на јавни претпријатија во град Скопје, за набавка на гориво за да ги извршуваат обврските кон граѓаните. Една од нив е набавката на дизел на ЈСП.
Граѓаните се незадоволни и веќе се најавуваат протести за во петок пред Град Скопје. Денешната катаклизма во јавниот превоз пак ги разбуди и советниците и политичките партии. Опозициската СДСМ побара вонредна седница за да се решат проблемите со превозот. Претседателот на градскиот совет Трајко Славески закажа седница на Советот за четврток во 18 часот.
ЈСП и директорот Кушевски предупредуваа на седници на Советот дека претпријатието е пред колапс, но нивните апели не беа послушани и сите предлози за набавка на нови автобуси беа отфрлени од страна на најголемата советничка група на ВМРО-ДПМНЕ. Тие пак го оправдуваа своето „не“ со тврдење дека нема финансиски план за набавката. Град Скопје потоа не доби ниту еден проект на владиниот конкурс за помош на локалните самоуправи, иако имаше повеќе предлози на конкурсот.
Данела Арсовска на изборите пред три години беше поддржана од ВМРО-ДПМНЕ, но по една година, таа коалиција се растури. ВМРО-ДПМНЕ обвинува за неспособност на Арсовска, а таа тврди дека е цел на организирани притисоци за да се задоволи суетата на Мицкоски.
Од вчера попладне ЈСП Скопје функционира со само 25 автобуси кои возат на метан. Останатите кои возат на нафта стојат паркирани во базите во Автокоманда и Ѓорче Петров.
Поради лошите односи на ВМРО-ДПМНЕ (која го има мнозинството во Советот на Град Скопје) и градоначалничката Данела Арсовска, на секои три месеци на јавниот сообраќај во Скопје му се случува колапс. Кога беа во добри односи, тогаш лидерот на опозицијата а сегашен премиер Христијан Мицкоски најавуваше набавка на 250 еколошки автобуси за потребите на ЈСП Скопје за да сега се спадне на само 25, како и бесплатен превоз – за да сега скопјани останат без каков било превоз и да одат пешки со километри. А, ветувањата на Мицкоски беа толку големи што дури најавуваше и отворање на фабрика за такви автобуси. Кавгата за „рачињата во медот“ неповратно ги уништи односите ВМРО-ДПМНЕ – Арсовска, но не е јасна каде е одговорноста на владејачката партија кон граѓаните, бидејќи нивните меѓусебни односи никого не интересираат и граѓаните сакаат услуга за парите што ги даваат во буџетот.
Стотина илјади работници, ученици и студенти секојдневно мрзнат на постојките и доцнат до нивните одредишта додека тие што го смислија и го спроведуваат ова си одат на работа со службени возила на државна сметка и ги повикуваат граѓаните да се стрпат до октомври идната година, кога ВМРО-ДПМНЕ очекува со вакви сценарија да ја грапчи власта и во Скопје кое е „златна кокошка“ за урбаната и друга мафија.
Она што не е јасно е зошто ваквите опструкции почнаа толку рано и дали целта е тој пресврт да се испровоцира до крајот на оваа година, така што ќе ја принудат Арсовска сама да си даде оставка. За очекување е и протестите што се најавуваат да бидат во организација на владејачката партија која ако во нешто е извежбана, тоа е во „случување народ“ и сценарија за опструкција.
Да беше Македонија Германија досега бизнисот ќе излезеше со проценка колку доцнењата и недоаѓањата на работа, со загрозената продуктивност ги чинат нив и државата, но Македонија живее од кредити и главниот фокус е како да се земе од колачот што ќе го враќа којзнае кој во иднина. (Н.В.)