Директно од срцето: Брајан Адамс на концертот во Скопје ги „соголе до коска“ неговите хитови


Како настануваат големите хитови? Повеќето, кога инспирацијата ќе дојде во кујна, или во подрум, или во подрумот на некој пријател, главно отсвирени на гитара и пијано. Токму ова баше мотивот на големиот хитмејкер Брајан Адамс (65), како што самиот рече синоќа на неговиот извонреден настап во Скопје, да ги претстави своите песни „соголени до коска“, како што е наречена и неговата мини турнеја низ земјите од регионот („The Bare Bones Tour“). Само тој со својот препознатлив глас, гитарата, и во дел од песните придружуван од пијано со извонредниот Гари Брајт. Чиста емоција, директно од срцето, како што е и насловот на една од неговите нумери (Straight From the Heart).

Брајан Адамс, ги изненади присутните, откако „наоружан“ со својата гитара и со шешир- цилиндер на главата прошета по партерот од задната страна, бурно поздравен од присутните и се качи на сцената.

Брајан Адамс и Гари Брајт (Фото: Инстаграм)

Иако концертот доцнеше еден час, хемијата се почувствува уште со првата песна, Run to You, по што следуваа Let’s Make a Night to Remember, It’s Only Love… Тука беа и другите хитови како Heaven, Summer of ’69, Please Forgive Me, Have You Ever Really Loved a Woman…

Организаторот, „Авалон продукција“ најави дека концертот ќе трае 90 минути, но настапот се продолжи на речиси два часа. На задоволство на сите. Иако, за жал, немаше бис.

Брајан Адамс и синоќа во салата „Јане Сандански“ во Скопје, каде што се одржа концертот, покажа дека е вистински шоумен, спонтан и духовит, „фаќајки“ ги пораките на неговите фанови напишани на транспаренти, повикувајќи девојки да го научат на македонски како се вели „благодарам“, „добровечер“ и неколку други фрази, но и раскажувајќи вистински приказни за неговата соработка со Тина Тарнер, Барбара Стрејсенд, Бони Тајлер… но и за инспирациите кои стојат зад неговите хитови, за номинициите за Оскар, па се до добро познатата приказна со неговата мајка, која инаку има 97 години и која, кога тој на 15 годишна возраст и соопштил дека го напушта училиштето и дека ќе свири во бенд, му рекла, отприлика, „прави што ќе правиш, но прави го тоа добро“.

Здогледувајќи еден негов помлад обожавател, кој на трибините истакна транспарент со насловот на песната „Еве сум“ (Here I Am), тој го повика до сцената и му подари „трзалици“ за гитара.

Не изостанаа и политички пораки, за страдањата во Палестина, со апели за мир. „Кои се луѓето што прават деструкции. Она што сакам е да дадам љубов, само тоа го сакам“, порача Адамс по што следуваше громогласен аплауз. „Тоа ме мачи, верувам и вас исто така ве мачи“, додаде тој, зборувајќи за страдањата на невините деца.

Пред почетокот на концертот, преку разглас неколку пати беше кажано дека секое снимање и фотографирање е забрането, но многу од присутните не одолеаја со мобилките скришум да „фатат“ дел од атмосферата и од омилените песни. 

Брајан Адамс не е прв пат во Скопје, тој во ноемви 2019 година настапи во преполната сала „Борис Трајковски“ со својот бенд. Оваа турнеја, на која настапува сам во придружба со пијано, го доби називот од неговиот акустичен албум во живо Bare Bones од 2010 година.

Канадскиот пејач синоќа во Скопје го најави и новиот албум кој треба да излезе наскоро, Roll with the punches. На неговата официјална интернет страница веќе се додадени концерти во Европа и во Северна Америка, на која Адамс и неговиот бенд ќе настапат годинава.

Брајан Адамс се смета за еден од највлијателните музичари во светот. Тој има издадено 17 студиски албуми, вклучувајќи го и неговиот последен, „So Happy It Hurts“, кој беше номиниран за Греми.

Брајан Гај Адамс е канадски пејач, текстописец, страствен фотограф и еден од најпродаваните пејачи на сите времиња.

Концертот во Скопје, заврши слично како што почна – Брајан Адамс го стави цилиндерот на глава и се симна од сцената. До неко следно видување, во Скопје или во околните земји. (М.Ј.)