Дипломатите го отпишаа декември, Македонија сѐ уште се надева на позитивен сигнал


Може ли Емануел Макрон да изврши влијание да се крене бугарското вето, откако тој пред две години ефективно го запре проширувањето

 

Слободанка Јовановска

Наспроти НАТО, за кое важеше дека секоја среда може да ни даде членство (на состанок на Северноатлантскиот совет), за ЕУ и натаму важи правилото – не оваа среда, туку идниот петок. Според информациите што се вртат во моментот, повторно сме во ситуација да работиме како да ќе добиеме датум за преговори со ЕУ во декември, но надежите одново се префрлаат до идниот јуни, кога може да ни се случи повторно да зборуваме за дипломатска офанзива во идниот декември.

Иако вицепремиерот Артан Груби вчера најави некаков позитивен сигнал од Брисел на самитот на ЕУ идната недела, ништо не може да биде попозитивно од „одлуката“ да почнеме преговори што веќе ја има Македонија, а преговори нема. Во бугарските медиуми до неодамна се споменуваше некаков „датум за датум“, односно заклучок кога би ни дале датум за преговори, но според последните информации најмногу што можеме да очекуваме на следниот самит е во заклучоците за проширување, за кои не се знае со сигурност дали ќе бидат усвоени, да стои дека ќе се направи обид спорот да се реши во јануари.

Во дипломатски кругови веќе се оценува дека за овој самит е доцна да се очекува решение, бидејќи бугарската влада сѐ уште не е формирана, а и да се формира наредните неколку дена, не може првата одлука да ѝ биде укинување на ветото кон Македонија. И во дипломатски и во бугарски кругови се оценува дека на новата влада ќе ѝ треба време да го „спушти“ емоционално прашањето што претходниците го издигнаа на толку високо ниво, иако од македонска, па и од бугарска страна, се информираше дека изминатите недели имало интензивни преговори на двете страни околу петте точки што се на маса.

Најавите дека има некаква француска иницијатива да се реши спорот беа демантирани исто така од бугарска страна, бидејќи тоа е повеќе поттикнување на двете земји да преговараат, отколку некој предлог на маса од Париз или конкретно решение за спорот.

Кај нас oптимистички беше прочитан и вчерашниот говор на францускиот претседател Емануаел Макрон по повод преземањето на претседателствувањето со ЕУ од јануари, во кој се заложи за обновен и засилен ангажман на ЕУ на Балканот, бидејќи „историјата почнала да се повторува“ поради зголемените странски влијанија. Иако токму тој прв стави вето на преговорите на Македонија, криејќи се зад новата методологија и реално го запре проширувањето, сега во улога на иден претседавач на Унијата оценува дека „ЕУ има посебна одговорност  во однос на Западен Балкан“ за да „промовира негова економска интеграција и за да спречи надворешни влијанија  од неколку регионални сили“, посочувајќи на Русија и Турција.

„Нема да можеме да изградиме Европа на мир во следните педесет години ако го оставиме Западен Балкан во ситуацијата во која е денес“, предупреди Макрон и повика на „разјаснување на европската перспектива“ на овие земји – Албанија, Босна, Србија, Црна Гора, Северна Македонија и Косово – блокирани со години во предворјето на Унијата.

Уште повеќе внимание привлече најавата на Макрон дека во јуни, како претседавач на ЕУ, ќе формира некаква експертска комисија или „европска академија“ која ќе собере интелектуалци од сите дисциплини и од сите 27 земји членки на ЕУ која ќе расправа за европската историја, вклучувајќи ја и таа на Западниот Балкан. Со оваа иницијатива тој сака да се спротивстави на историскиот ревизионизам во Европа, прашање кое доби посебно значење последниве недели, откако еден од неговите противкандидати во претседателската трка почна да ја ретушира вмешаноста на марионетската влада од Виши во нацистичките воени злосторства.

„Би сакал да започнеме широк проект за историјата на Европа, во време кога историскиот ревизионизам се населува во неколку земји, а се користи од сили кои сакаат да ги оспорат нашите вредности“, рече Макрон во говорот вчера.

Во Македонија тоа беше протолкувано и како порака до Софија за обидот да ја напише историјата на Македонија и од окупаторска да стане ослободителна сила, а притоа одбива во тие разговори да се приклучат меѓународни експерти. Но, иако оваа експертска група на Макрон може да има некакво влијание на нашиот спор, европските медиуми тоа го продолкуваа пред сѐ како одговор на историскиот ревизионизам на Русија, Полска и Унгарија.

Неофицијално, пак, се слуша дека францускиот претседател е често на линија со премиерот Зоран Заев и дека ветувал дека, ако не се реши до јануари, проблемот со нашата блокада за преговорите треба да се реши до идниот јуни и дека на Бугарија за тоа ѝ е даден рок. Макрон, според сите информации, не сака ова прашање да ја оптоварува неговата претседателска кампања, па и да се споменува, а бидејќи изборите во Франција се во април, а не се знае кој ќе победи иако тој е фаворит, може да се покаже дека и овие навестувања се без реална основа. Некои дипломати, како датум кога може да биде донесена одлуката за Македонија, веќе почнаа да го посочуваат самитот за Западен Балкан во јуни, но тој филм веќе сме го гледале кај нас и знаеме како ќе заврши.

Во Брисел од друга страна почнува да се врти идејата за раздвојување на Македонија и на Албанија, но и да се случи тоа, се навестува дека двете земји во исто време ќе ја почнат меѓувладината конференција. Сите надежи се дека новата влада на Бугарија ќе биде порационална и дека преговорите што се водеа досега сепак ќе дадат резултат, ако не сега барем до јануари, ако не до јануари –  тогаш до јуни. Кој може, пак, да гарантира дека Макрон и натаму ќе биде претседател па ќе го оствари тоа што го ветува сега, и кој може да гарантира исто така дека дотогаш нема да падне новата македонска влада, па и дека нема да падне бугарската, бидејќи ја предводи партија која постои само два месеци.