Димовски треба да реферира на затворена седница на Влада за случајот „Онишченко“

Државјанството било издадено врз основа на четири позитивни мислења доставени на седница на Влада од четири различни институции врз основа на кои тоа е доделено.


 

На затворена владина седница денеска се очекува директорот на Агенцијата за национална безбедност Виктор Димовски да даде извештај за случајот со давањето на македонско државјанство на контроверзниот Укранинец Олександер Онишченко. Премиерот Димитар Ковачевски вели дека мора да се утврди одговорност за случајот. Во АНБ, според медиумите,  суспендирани се двајца службеници за пропуст во проверката на Онишченко. Дополнително во Собранието во тек е истрага за пренесувањето во живо на Јутјуб на затворената комисиска седница на која Димовски зборуваше исто така за случајот „Онишченко“.

Премиерот Ковачевски изјави дека побрал детален извештај за работата на АНБ.

-Она што јас побарав е детален извештај врз основа на спроведена истрага или анализа согласно процедурите на АНБ и директорот да дојде да даде извештај на затворена седница на Влада. И тоа ќе се случи најверојатно во текот на утрешниот ден. Меѓутоа и вие самите знаете дека од затворена седница на Влада не може да се даваат извештаи и информации со оглед на казнивоста на давање такви информации од затворена седница на Влада, рече Ковачевски.

Потсети дека државјанството било издадено врз основа на четири позитивни мислења доставени на седница на Влада од четири различни институции врз основа на кои тоа е доделено.

Според Ковачевски одговорност за случајот мора да има и оти тоа е работа на анализата, односно истрагата која што таму треба да биде спроведена, која веќе и се спроведува. 

Наскоро треба да биде именуван нов директор на АНБ за што е почнат процес на селекција, но смената на Димовски ќе биде поради тоа што тој треба да замине на амбасадорска позиција во Франција.

Медиумите вчера објавија дека двајца службеници во АНБ се суспендирани поради случајот со издавањето македонско државјанство на Онишченко.

Димовски во петокот по седницата матичната собраниска комисија изјави дека при интерната постапка во АНБ за евентуален пропуст за случајот „Онишенко“ е констатирано дека не е испочитувано последното ниво од безбедносната проверка и не била направена консултација со партнерите од НАТО пред да се даде позитивно мислење. Според него, „лоциран е прстенот и поединецот“ што го ставил потписот и ќе се преземе одговорност. Димовски додаде дека чекањето за реферирање за случајот, било поради тоа што требало да се почитуваат и следат институционалните норми и да се истражи ако затаил, каде и зошто затаил системот за национална безбедност.

Токму оваа затворена седница на Комисијата се пренесуваше во живо на Јутјуб, по што беше прекината и за што се истражува како и зошто се случило тоа. Од МВР за МИА истакнаа дека случајот е пријавен во Секторот за компјутерски криминал и оти веќе се постапува по него, без други детали. Од Кабинетот на претседателот на Собранието, Талат Џафери посочуваат дека истрагата е во тек и дека штом Собранието добие официјални информации од МВР, јавноста ќе биде информирана.

Во врска со случајот „Онишченко“ вчера се огласи и Советот на амбасадори кој, како што се наведува во соопштението, посебно е загрижен од најновите информации за големиот пропуст на неколку владини институции во врска со издавањето македонско државјанство на украинскиот олигарх Олександр Онишченко. Овој вид, како што стои, небрежност и површно разгледување на барањето за државјанство, се додава, е во спротивност со познатите НАТО и ЕУ критериуми.

Што се однесува до украинскиот олигарх Онишченко, Советот ги поддржува ставовите на претседателот Стево Пендаровски и премиерот Димитар Ковачевски државните институции да преземат итни чекори во обелоденувањето на овие неприфатливи дејствија и сторителите да се соочат не само со морална, туку и законска одговорност (доколку ја има), бидејќи го уриваат угледот на нашата држава и им наштетуваат на евроинтеграциските процеси, се наведува во соопштението од Извршниот Одбор на Советот на амбасадори.

Украинскиот државјанин Онишченко, кој се наоѓа на „црната листа“ на САД поради неговите врски со руските власти, добил македонско државјанство како спортист во еквестријан на предлог на Коњичката федерација. Одлука за доделување македонско државјанство за него донела Владата, по добиено позитивно мислење од сите надлежни институции.