Татјана Димитровска нема намера да поднесе оставка на чело на Антикорупциска
Обвинетиот во „Адитив“ Небојша Стевановиќ бил нејзин семеен пријател. Димитровска не сакала во никој случај да влијае врз постапката и од сега натаму ќе молчи

По повеќедневен молк додека во јавноста беснееше бура поради нејзината осомниченост во истрагата за случајот „Адитив“ претседателката на Државната комисија за спречување на корупцијата, Татјана Димитровска, се огласи во јавноста со соопштение во кое жали за компромитирачката комуникација, но нема ни збор дека би можела да поднесе оставка.
Таа објаснува како дошло до комуникацијата со еден од главмните осомничени, Небојша Стојановиќ, поранешен директор на ТЕЦ „Неготино“, за набавката на адитиви за РЕК „Битола“ и РЕК „Осломеј“. Целата истрага за криминалот вреден 6,6 милиони евра произлезе од истражувачката сторија на ИРЛ.
„Сакам да ја информирам јавноста дека мојата комуникација со семеен пријател, кој подоцна стана обвинет во случајот ‘Адитив’, се одвивала во период пред да започне постапка за него пред надлежното обвинителство. Од соопштението од ОЈО за ГОКК се согледува дека нашата комуникација траела до декември 2024 година, или пред да му е изречена мерка притвор по оваа мерка кон него, јас престанувам со комуникација. Содржината на комуникацијата се однесува на разговори без никаква поврзаност со случајот предметот ‘Адитив’. Дел од споделените информации се однесуваат на јавни документи чија содржина пред нашата комуникација е објавена во јавност, а останатиот дел е вообичаена пријателска комуникација. За оваа моја комуникација изразувам жалење и укажувам дека е направена без никаква намера да влијаам на постапката или на кој било аспект на истрагата“, пишува во обраќањето Димитровска.
Таа додава дека за неа како претседателка на ДКСК не смее да биде нарушен кредибилитетот на институцијата. „Сакам да нагласам дека кредибилитетот и интегритетот на институцијата во никој случај не смее да биде оспорен. Потребно е да се почитуваат принципот на презумпција на невиност, односно секој е невин додека не се докаже спротивното, како и принципот на владеење на правото. Останатите шест члена на институцијата која ја претставувам, немаат никаква поврзаност со делото за кое сум осомничена“.
Во Државната комисија за спречување на корупцијата во тек е постапка за проверка на имотната состојба на наведеното лице, нагласува Димитровска. „Со електронската распределба предметот не е доделен за постапување кај мене, а согласно утврдените правила немам никаква можност да влијаам врз текот на постапката или врз исходот. Одлуките на ДКСК се носат колективно, со мнозинство гласови на членовите“, вели таа.
Димитровска дава ветување дека целосно ќе соработува со правосудните органи и дека очекува брза и транспарентна разрешница на настанот. Како и дека целосно ќе ги почитува мерките на претпазливост.
На крајот од соопштението, Татјана Димитровска наведува дека веќе нема да дава дополнителни изјави до конечното изјаснување на обвинителството, „освен ако тоа го наложат околностите, водејќи се од интересот на институционалниот интегритет и транспарентност“.
Јавноста, поранешни антикорупционери, експерти за борба против корупцијата, политички актери, обични граѓани, беа шокирани изминативе денови кога се дозна дека жената што е на чело на антикорупциската борба е осомничена за корупција. И дека тоа води до директно поткопување на улогата и кредибилитетот на Антикорупциската комисија. Речиси едногласностиот став во јавноста е дека Татјана Димитровска треба да поднесе оставка за да не ја повлече со себе во амбисот на осомниченоста целата ДКСК.
Димитровска, според нејзиното соопштение, не сака да поднесе оставка и се надева дека „брзата и транспарентната разрешница на настанот“ ќе ја исчисти од „коруптивните гревови“, Што ќе биде ако таа „брза разрешница“ трае, да речеме, една година. (Н.В.)