Димитров во посета на Берлин и Љубљана


Вицепремиерот за евопски прашања Никола Димитров од утре ќе престојува во посета на Берлин и Љубљана, претходното и идното претседателство со Европската Унија. Димитров, на покана на државниот министер за Европа на Сојузна Република Германија, Михаел Рот, утре ќе оствари работна посета на Берлин.

Покрај Рот, како што соопшти СЕП, во рамки на посетата предвидени се средби и со Јан Хекер, главен советник за надворешна и безбедносна политика на канцеларката Ангела Меркел, Нилс Шмид, портпарол за надворешни работи на парламентарната група на Социјалдемократската партија во Бундестагот, Сабине Штер, ополномоштеник за ЕУ политики во германското МНР и Сузане Шуц, директорка во Министерството за надворешни работи на Германија, за Југоисточна Европа, Турција и државите на ЕФТА, како и со други релевантни соговорници во контекст на германската поддршка за европското досие на Северна Македонија.

Главниот акцент при разговорите ќе биде ставен на надминувањето на предизвиците и изгледите за одржување на првата меѓувладина конференција со ЕУ, со оглед на тоа што Германија има значајна улога во овие процеси, како дел од актуелното Трио од ротирачкото претседателство со Советот на ЕУ.

Димитров ќе се осврне и на актуелните случувања во Северна Македонија, со фокус на главните реформи во контекст на европската интеграција, а со соговорниците ќе размени мислења и за Берлинскиот процес и очекувањата од Самитот кој што треба да се одржи во Берлин оваа година.

Од Берлин, вицепремиерот Димитров заминува во Љубљана. Словенечкото претседателство со ЕУ започнува на 1 јули годинава.