Димитров: Утре нема да се усвои преговарачката рамка


Илустрација - Фото: Б. Грданоски

Во моментов имаме негативан став од Бугарија и утре на Советот за општи работи на ЕУ неме да биде усвоена преговарачката рамка за Република Северна Македонија, изјави вицеремиерот за европски прашања Никола Димитров во вечерашното гостување во „Топ тема“ на Телма.

– Веројатно ќе стане збор за нашето прашање, меѓутоа со оглед на сите изјави, посебно викендов имаше  мноштва изјави од Софија по ова прашање, а имајќи ги предвид и процедурите во ЕУ, утре  нема да се носат одлуки. Нема да биде усвоена преговарачката рамка, рече Димитров.

Според последните информации што доаѓаат од ЕУ, германското претседателство нема да ја стави на  усвојување преговарачката рамка доколку претходно не се обезбеди консензус, а во овој момент, вели Димитров, јасно е дека имаме негативен став на нашиот источен сосед.

Тој појасни и дека во смисла на процедурирте, состанокот на министрите на земјите членки на ЕУ утре ќе биде виртуелен, нема да бидат во Брисел, нема да седат  на една  маса, а кога  тоа е случај,  согласно внатрешните постапки на ЕУ, тие не можат да носат одлуки. Можат да дебатираат  и  да разговараат, но во  овој период  практично сите одлуки на ЕУ се носат со пишани процедури преку  КОРЕПЕР телото на  амбасадорите, постојаните претставници на земјите членки  при  ЕУ, рече Димитров.

Вицепремиерот за европски прашања нагласи дека Владата на С Македонија останува посветена и да бара решение, бидејќи влогот е огромен и за нас, и за ЕУ, а и за Бугарија, но посочи дека нема да се разговара за прашања за кои не може да се разговара како што се јазикот или идентитетот.