Димитров: Старт на преговорите со ЕУ и членство во НАТО за да ги задржиме младите дома
Северна Македонија очекува да добие датум за почеток на преговорите со ЕУ во октомври, што ќе ги убеди младите луѓе да не ја напуштаат земјата во потрага по европски начин на живот, вели министерот за надворешни работи Никола Димитров во изјава за Ројтерс.
– Стравуваме дека земјите од Западен Балкан ќе бидат обесхрабрени во натамошниот тек на реформите ако тоа не се случи. Големите прашања се решени. Доколку нема соодветна реализација на оваа шанса, тоа ќе испрати порака до другите лидери на Балканот дека не вреди да се инвестира политички капитал во носење тешки одлуки и реформи, оценува Димитров.
Шефот на дипломатијата посочува и дека земјата очекува да стане членка на НАТО во декември или почетокот на наредната година откако протоколот за пристапување ќе биде ратификуван во сите држави членки на Алијансата.
– По потпишаната Спогодба за членство во НАТО, значително се зголемени странските директни инвестиции во земјата, а очекуваме тој тренд уште повеќе да се зголеми по отворањето на пристапните преговори со ЕУ. Членството во НАТО и стартот на преговорите со ЕУ ќе значи и дополнителен елемент за стабилност и предвидливост кои му се многу потребни на Балканот, наведува Димитров.
Тој вели дека не може да прецизира кога Северна Македонија би можела да стане полноправна членка на ЕУ, но нагласува дека процесот на пристапување е многу важен.
– Најголемата битка за нас е да ги задржиме младите дома и затоа треба да ја направиме нашата земја европска, а тие да можат да го искусат европскиот начин на живот дома наместо да заминуваат во странство, истакнува министерот за надворешни работи Никола Димитров за Ројтерс.