Димитров: Со разбирање и меѓусебна почит можат да се решат сите прашања со Бугарија


Ниедна земја не може да ни диктира кој е нашиот јазик и идентитет, рече Никола Димитров во Стразбур

Министерот за надворешни работи Никола Димитров смета дека земјава со Бугарија дели големи заеднички цели и оти ќе најдат начин со меѓусебно пријателство и почит во решавањето на прашањата поврзани со Договорот за пријателство, како тоа за Гоце Делчев, таквите цели да не бидат загрозени.

-Убеден сум дека со Бугарија споделуваме крупни заеднички цели. Како соседи што потпишаа Договор за пријателство, кој допира и до многу деликатни и емотивни прашања за двете страни во смисла на историјата, убеден сум дека ќе најдеме начин низ почит кон другиот и пријателство да не ги загрозиме овие важни цели, рече министерот Димитров одговарајќи на новинарско прашање дали се реални заканите од бугарска страна за блокирање на процесот на добивање датум за преговори доколку не биде постигнат договор околу Гоце Делчев.

Тој додаде дека се надева оти за прашање ќе има прилика да разговара уште во текот на утрешниот ден во Софија, каде ќе присуствува на состанок на Црноморската иницијатива.

-Убеден сум дека македонскиот успех во смисла на европската интеграција е многу важен и за соседна и пријателска Бугарија и ќе најдеме начин тие не само да не бидат пречка, туку да бидат и промотор како што впрочем беа и минатата година во Советот за општи работи и неодамна на последниот што се одржа во Луксембург, рече Димитров, на прес – конференцијата по средбата со министерката за надворешни работи на Кралството Норвешка Ине Ериксен Сореиде, која е во посета на земјава.

Ериксен Сореиде, зборувајќи, како што рече, како претставник на држава која не е членка на ЕУ смета дека дијалогот меѓу двете земји треба да продолжи и натаму.