Димитров: Ние правиме отстапка, Бугарија стои


 Во однос на тактиката нашиот заеднички став беше – ништо не е договорено додека не е договорен цел пакет и затоа ништо не може да се спроведува. Ние денес направивме една отстапка, без притоа Бугарија да одговори со нешто, што нам ни треба и ни е важно, изјави вечерва поранешниот вицепремиер за европски прашања Никола Димитров во гостувањето во Топ тема на телевизија Телма, во однос на тоа дека Бугарија веќе не се противи на користењето на скратеното име Северна Македонија во меѓународните организации.

Тоа што посебно, како што рече, денеска му пречи, и чувствува разочараност, затоа што сме имале позиција во целиот период градејќи ги преговорите со Бугарија дека, повтори, ништо не е договорено, додека се не е договорено, и не може да почнат да се прават отстапки само од едната страна.

– Ако денот се познава по утрото, ако едната страна прави отстапки, а другата страна си стои и не мрда, тогаш ова може само да води за жал, кон целосен пораз и целосна победа, изјави меѓу другото Димитров, додавајќи дека од петте точки, една точка била краткото и долгото име, а таа точка сега не постои.

Според него, ние не само што направивме чекор и отстапка, како што рече, туку тоа и го имплементиравме, нотата во ОН е дадена, за возврат немаме обезбедено ништо. Но, тоа да се сврти како Бугарија да направила отстапка, истакна, е несериозно и безобразно.

На новинарско прашање во однос на малцинствата, Димитров меѓу другото се осврна на Советот на Европа и сме, како што рече, договорна страна на Еворпската конвенција за човекови права и тоа што се прави таму, подвлече, во однос на пресудите пример што ги има изгубено Бугарија од сопствени граѓани, не може да биде дел од договорот не мешање во внатрешните работи.

– Мојот став, една од позициите за кои се залагав, градејќи ги државните позиции изминатите години кон Бугарија беше Стразбур не можеме да го поклопиме со немешање во внатрешни работи. Проблемот што овде посебно пречи, е двојниот аршин. И Бугарија има обврска да не се меша во внатрешните работи, не само околу малцинското прашање, нема повнатрешно прашање од прашањето на македонскиот јазик. Тоа е кршење на Договорот за пријателство, во тој дел. Или пак тврдењето во едно од документите за етнички инженеринг, тоа е навредливо и директно мешање во внатрешни работи, појаснуваше Димитров.

Димитров смета дека наша исправна позиција ќе биде, како што потенцира, без разлика што тие имаат привелигирана позиција како змеја членка на ЕУ, а ние сакаме внатре, ние мора да ги извршуваме своите обврски и права како земја договорна страна на Европската конвенција за човекови права и земја членка на Советот на Европа.

Тој наведе дека предупредил на ова на прес-конференција споменувајќи ја македонската нота до ОН околу краткото и долгото име на државата.

– Прашав дали се размислува тоа да се направи и кажав дека тој чекор ќе ја ослаби македонската преговарачка позиција, рече Димитров. 

Спротивно од него, вицепремиерот Бојан Маричиќ смета дека со заеднички чекори од двете страни, решено е едно отворено прашање кое претставуваше проблем во дел од меѓународните организации.Ова, според Маричиќ, е гест на добра волја од двете страни за да се стекне натамошната доверба.

-Со овој чекор кој е едно од отворените прашања, решаваме еден проблем – затвораме едно прашање и креваме една од блокадите. Со ова се затвора еден проблем. Бугарија практично ја менува својата позиција и почнува да го користи краткото име. И премиерот Петков денеска неколку пати го употреби скратеното име – Северна Македонија. Решено е едно отворено прашање кое нам ни предизвикуваше проблем во дел од меѓународните организации. Ова е тема која скоро две години е отворена и со неа се оспоруваше нашето право да се нарекуваме со кратко име, рече Маричиќ.

И претседателот Стево Пендаровски смета дека Македонија не направила отстапка туку Бугарија ја прифатила и се приклонила на нашата позиција за долгото име, бидејќи и досега ние сме тврделе дека краткото име не имплицира територијални претензии. Ние, вели Пендаровски, не се повлекуваме од таа позиција, а Бугарија се повлекува од својата позиција дека краткото име е територијална закана за нив. Според него и планот пет плус еден е ад акта, односно депласиран бидејќи работните групи не се поклопуваат со  него, освен во делот на Комисијата за историски прашања.

Пендаровски ја исклучи притоа можноста да се постигне недостоинствено решение , како што стравуваше Димитров со оценката дека шефот на дипломатијата по секоја цена сака да постигне успех околу спорот. 

-Не, нема шанси тоа да се случи. Не може да се протне такво решение. Прво јас ќе излезам на прес-конференција и ќе кажам „народе, јас ова не го прифаќам“. И не мислам дека било кој договор треба да се крие од македонската или бугарската јавност. На сила таа работа не оди, треба да им се каже на граѓаните – „за ова разговараме и со ова не се рушат националните позиции“, рече шефот на државата во „24 анализа“.

Финалното решение со Бугарија, според него,  треба да биде претставено пред пратениците. Мора да влезе во Законодавниот дом, за него да се дебатира и да се гласа со мнозинство, но не двотретинско зашто тоа е многу тешко да се добие.

-Мора македонската јавност да види за што станува збор, пред да влезе во сила тој документ, потенцира Пендаровски.