Никола Димитров: Не се повлеков сам

Вицепремиерот изјави дека „битката“ кулминирала во два наврати – еднаш во Брисел, еднаш во Скопје. Димитров рече дека нема доверба во Бујар Османи


Никола Димитров нема доверба во Бујар Османи како ги води преговорите со Бугарија

 

Вицепремиерот задолжен за европски прашања Никола Димитров вели дека не се повлекол сам од функцијата и оти тоа што нема да биде дел од новата влада е резултат на неговите позиции во однос на прашањето со Бугарија. Тој нагласува дека нечиј интерес и во земјата и надвор од неа е тој да не биде дел од владата, но и да не биде дома, поради што, како што истакна, добил понуда за амбасадорско место што го одбил. 

„Сакам да демантирам дека самиот сум се повлекол. Тоа не е точно. Јас не сум човек што се повлекува од битки. Не се повлеков затоа што чувствувам одговорност и сметам дека позициите што ги застапувам во процесот на преговори со Бугарија се исправни и е важно да се одржат. Имав сериозна битка внатре особено во последната година во однос и на дефинирањето на националните позиции, значи за самата суштина на маката, ама и на стратегијата, односно на текот на самите преговори. Таа битка не беше тајна. Разликите беа евидентни и во јавните пораки и во јавните настапи“, рече Димитров на денешната прес-конференција.  

Како што нагласи, во два наврати кога таа битка кулминирала за што јавноста не знае – еднаш во Брисел, еднаш во Скопје, јасно кажал дека нема да дозволи поставените граници да се поминат по каква била цена, а најмалку по цена на неговата позиција во Владата, потенцирајќи дека со тоа дал до знаење дека со него внатре за некои работи едноставно нема разговор.

„Јас бев и целосно сум подготвен оваа битка да ја терам и понатаму без разлика на позицијата или функцијата. Во мојата кариера во оваа работа сум сретнал многу влијателни луѓе кои немаа функција, а сум сретнал и такви кои се на позиција ама немаат тежина, што вели нашиот народ ‘не им врви зборот’.  Ве уверувам дека мојот збор врви и натаму ама за тоа да биде така јас треба да сум дома, да сум тука, да сум активен, да сум гласен и да имам слобода да се борам за моите позиции и мојата визија“, рече вицепремиерот Димитров.  

Тој нагласува дека затоа заедно со фактот што за неговите позиции немало простор во идната влада, не го изненадила и понудата да биде амбасадор во Вашингтон. Тоа, потенцира Димитров, не само што ќе го тргнело од дома, туку и ќе му го врзело зборот, затоа што, како што рече, дипломатите додека се на должност немаат право да бидат гласни и јавно да се борат за своите ставови дома.

„Кога го одбив Вашингтон, попат добив и друга понуда, да бидам амбасадор можеби во друга земја. Па, дури можеби и да изберам. Сфатив дека очигледно е нечиј влог за да не бидам дома, а со тоа и да ослабат гласовите кои се на линијата во преговорите за коишто јас се борам е голем. Интересот да ме нема инаку не е само домашен. Знаете дека многумина кај соседот ќе бидат еднакво среќни да се ослободат како ме нарекоа вирус поопасен од ковид. Но, како што кажав и тогаш против вирусот на идеалите и принципите нема вакцина и токму овој обид да го нема мојот глас дома го прави мојот влог, мојот мотив да останам уште повеќе“, рече Димитров.

Димитров немаше добри зборови за идниот премиер Димитар Ковачевски. Тој рече дека Ковачевски не се разбирал од надворешна политика и дека нема целосна доверба во новата Влада, а особено во делот наа преговорите со Бугарија.

„Мене идниот премиер никогаш не ми бил шеф. И не сум сигурен дека бил во позиција да ја следи мојата работа и да биде во тек со сите напори кои ги имам направено во изминатиот период. Тој нема искуство и знаење во делот на надворешната политика. Наш општ шеф е народот и тој ја дава својата оценка на избори. Јас бев еднаш на избори како носител на листа и победив. Ќе има други избори, можеби ќе бидам дел од нив и таа оценка ќе ја чекам. Меѓутоа, би рекол, непристојно е да се зборува за резултати од мојата работа во последниве четири години и седум месеци, кога сите знаеме дека најголемите успеси беа во областа на надворешната политика. Јас и во поголемиот дел од тие четири години и седум месеци како министер за надворешни работи и како вицепремиер за европски прашања од 1 година и четири месеци вклучен во европската дипломатија, го имав главниот збор токму во оваа област“, додаде Димитров.

Одговарајќи на новинарско прашање, Димитров кажа дека има луѓе во преговарачкиот процес на кои не им верува, а меѓу нив е и министерот за надворешни работи Бујар Османи.

„Да, немам доверба во Османи по однос на прашањето со Бугарија. Имам чувство дека има ‘драјв’ за успех по секоја цена, што е опасно и непродуктивно. Се надевам дека грешам, но такво чувство имам. Во однос на Владо Бучковски, ќе кажам дека не бевме на иста линија со ставовите”, кажа вицепремиерот.

Димитров рече дека будно ќе го следи процесот на преговори и целосно ќе се бори против лошо решение, а ќе поддржи достоинствено и европско решение.  

„Јас така функционирам, за нештата што ви се важни и во личниот живот и во политиката нема попуштање. Ова прашање е мојата лична животна мисија. Апсолутна почит за македонскиот јазик како еднаков на сите европски јазици и европска интеграција потпрена на вистински европски столбови и критериумите – на Копенхашките критериуми“, рече вицепремиерот на, како што напомена, последната прес-конференција како владин функционер.