Димитров ја комплетира посетата на Берлин, потврдена поддршката за старт на преговорите со ЕУ


Министерот за надворешни работи Никола Димитров, работната посета на Берлин денеска ја заокружи со средби со пратеникот на ЦДУ / ЦСУ во германскиот Бундестаг Јохан Вадефул, со советникот за надворешна политика на Канцеларката Меркел, Јан Хекер, како и со претставниците на германското Министерство за надворешни работи, Томас Осовски, ополномошник за ЕУ и Сузане Шуц, ополномошник за Југоисточна Европа.

На средбите, како што информираат од кабинетот на министерот Димитров, бил потврден евидентниот позитивен став на релевантните политички фактори на Германија во однос на очекуваната одлука за пристапни преговори со ЕУ во октомври.

Димитров, се вели во соопштението, изразил задоволство од позитивните и исклучително важни и едногласни пораки од претставниците на германската извршна и законодавна власт

– Позитивните и исклучително важни и едногласни пораки од претставниците на германската извршна и законодавна власт, како и на експертската заедница, се најсилниот аргумент за нас дека она што го правиме и постигнуваме дома е препознаено во срцето на Европа. Тие се и охрабрувачки мотив да продолжиме со несмалено темпо во ист правец, бидејќи само така  заокружувањето на европското обединување со земјите од Западниот Балкан ќе стане непосредна реалност, изјави Димитров.

Министерот Димитров вчера, во рамки на посетата на Берлин, оствари средба и со германскиот колега Хајко Мас, со кого разговараа за актуелните случувања и изгледите во однос на нашите очекувања од октомврискиот Совет на Европската унија.