Димитров и Османи не побарале средба со Захариева во Брисел


Никола Димитров и Екатерина Захариева на нивната прес-конференција на 10 март 2020 година во Скопје (Фото: Б. Грданоски)

Двајцата македонски министри, Никола Димитров и Бујар Османи, кои денеска се во Брисел на разговори со португалскиот шеф на дипломатијата, Аугусто Сантош Силва,  не побарале да се сретнат со нивната бугарска колешка Екатерина Захариева, која исто така е во главниот град на Белгија на состанокот на министрите за надворешни работи на ЕУ. Според најавите, двајцата македонски министри освен со Силва ќе се сретнат и со други европски шефови на дипломатиите.

Ова е прв состанок во живо на министрите за надворешни работи за време на португалското претседавање, на кој, меѓу другото, ќе се разговара за вакцините, трансатлантската соработка со САД по преземањето на власта на Џо Бајден, како и за европскиот одговор на Русија по масовното апсење на илјадници приврзаници на Алексеј Навални на протестите во саботата.

Бугарското министерство за надворешни работи му одговорило на софиски „Дневник“ дека нема барање од македонска страна за средба меѓу Захариева, Димитров и Османи во време кога двете држави подготвуваат одговори на акциските планови што беа предложени од Скопје и Софија.

Во истовреме, чешкиот министер за надворешни работи Томаш Петричек и официјално објави дека за време на претседателството на неговата земја со ЕУ во втората половина на 2022 година проширувањето ќе биде еден од приоритетите. „Независен“ уште пред два месеци пишуваше за оваа намера на Прага, а сега тоа официјално се потврдува најмногу, како што велат чешки дипломати, поради блокадата на Бугарија на одржувањето на првата меѓувладина конференција на ЕУ со Македонија, а и пречките за Албанија и стагнацијата на Србија. Самиот Петричек не е во Брисел затоа што е позитивен на Ковид-19.

„Можам да нагласам дека за министерството за надворешни работи еден од приоритетите ќе биде Западен Балкан и проширувањето на Европската унија. Се разбира, тоа прашање е обезбедување сигурност во поширокото соседство на ЕУ со оглед на миграцијата и конфликтите во Африка“, изјави Петричек пред два дена во интервју за чешката агенција ЧТК. Петричек нагласува дека Прага бара да се почитува новата методологија за проширувањето на ЕУ усвоена минатата пролет и верува дека првите меѓувладини конференции со Македонија и Албанија ќе се одржат во првата половина од оваа година.

Чешката Република и Словачка во декември го блокираа усвојувањето на заклучоците на ЕУ за проширувањето затоа што во нив, на барање на Бугарија беше вметната решеницата „фалсификувањето на историјата“. Прага и Братислава во заедничка изјава рекоа дека вакви услови и констатации се неприфатливи за заедничкото европско семејство, што предизвика своевиден политички шок во Софија. (Н.В.)