Димитров: Фокусирани сме на октомври, апсолутно сме подготвени за почеток на пристапниот процес со ЕУ


Фокусирани сме на октомври. Покажавме европски однос кон регионот, кон соседството, градиме мостови. Дома имаме неверојатен демократски пресврт во изминатите две години. Мислам дека сме апсолутно подготвени да го почнеме пристапниот процес. Не сме подготвени за членство, меѓутоа сакаме процесот да го користиме како алатка да станеме вистинска европска демократија, изјави министерот за надворешни работи Никола Димитров денеска во Софија на состанокот на Советот на министри за надворешни работи на земјите членки на Организацијата за црноморска економска соработка.

Тој истакна дека е оптимист и оти нема друга алтернатива освен европскиот пат. Доколку земјата не добие датум за пристапни преговори, според Димитров, би се испратила лоша порака во целиот регион дека можеби не вреди да се инвестира политички капитал во европски компромиси и да се работи фокусирано на реформите.

– Мислам дека тоа би била една многу опасна порака, меѓутоа јас не гледам алтернатива. Ние сме опкружени со земји членки, економијата ни е многу тесно врзана со економијата на Европа. Над 70 проценти од она што произведуваме, извезуваме на европскиот пазар, над 70 проценти од компаниите што инвестираат кај нас, доаѓаат од земјите членки на ЕУ. Нема друг пат, меѓутоа тој пат е потежок ако ја немаме алатката на пристапување, рече Димитров.

Тој додаде дека регионот нема многу време и нема право на грешки. – Имаме битка да си ги задржиме младите дома оти за нив денес е полесно да најдат европски живот надвор од дома, отколку да останат и да се борат со нас за европски живот во својата татковиина, истакна Димитров.

Во однос на Албанија и нејзиното пристапување кон Европската унија, Димитров рече дека она што му треба на регионот е една позитивна динамика и оти како држава би сакале и Албанија да добие позитивна политичка одлука, но оти тоа не е во наши раце.

– Нашата визија за Балканот е дека не можеме да бидеме среќна и успешна држава, ако и нашите соседи не се добри и нашиот себичен интерес вели дека е добро и Албанија да направи чекор напред. Меѓутоа ние не сме тие што одлучуваат. Мислам дека во регионот ни треба една позитивна динамика. Суштината на процесот на пристапување е секоја држава да се цени по своите постигнувања. Тие имаат сега избори и ќе видиме како тоа ќе се одрази. Јас сум убеден дека мораме да направиме се да си помагаме. Ние искрено се радуваме кога Црна Гора го направи тој чекор. На самитот во Букурешт во 2008 година бевме заедно со Албанија и Хрватска. Ние бевме разочарани за нашата судбина, но се радуваме тогаш за другиот. Мора да научиме да се радуваме за другиот и да си помагаме. Ние би сакале и Албанија да добие позитивна политичка одлука, не е во наши раце. Но, би сакале и во Албанија да се радуваат на нашиот успех, нагласи Димитров.

Тој денеска во Софија се сретна и со неговата бугарска колешка Екатерина Захариева со која, како што изјави, разговарале и за имплементацијата на Договорот за добрососедство. – Наше е да обезбедиме политички простор и позитивни услови работите да одат натаму како што треба да одат, рече Димитров.

Најави нова средба со министерката Захариева следната недела во Полска, каде ќе се одржи Самит во рамки на Берлинскиот процес од каде, како што рече, ќе чуеме убава вест во однос на тоа кој ќе биде домаќин на следниот Самит.