Димитров: ЕУ се покажа како вистински партнер и поддржувач на регионот при справување со пандемијата
Европската Унија досега се покажа како вистински партнер и поддржувач на Западниот Балкан при справување со пандемијата, создавајќи едно чувство на заедништво и припадност како да сме скоро дел од ЕУ, што се надеваме ќе следи и во претстојниот период при носењето одлуки од страна на Унијата.
Ова денеска го истакна шефот на дипломатијата Никола Димитров, кој заедно со своите колеги од земјите во регионот, учествуваше на видео-конференција иницирана од еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји.
Димитров, како што соопшти МНР, во своето обраќање се осврна на актуелната состојба и мерките во земјата во контекст на пандемијата, како и во контекст на подготовките со цел демократски, фер и слободни предвремени парламентарни избори, со максимална заштита на здравјето на граѓаните.
– Голема благодарност и за изразената поддршка од страна на Европската комисија за обезбедување залихи, како и вклученост во ЕУ набавката на лекот „ремдесивир“ препорачан од Европската агенција за лекови, што беше побарано во консултација со министерот за здравство Филипче, рече Димитров.
![]()
Главен акцент во разговорите беше ставен на мерките што земјите од регионот ги преземаат во функција на контролирање на пандемијата со коронавирусот, како и натамошната координација при нивно олеснување и овозможување на слобода на движење, како во регионот, така и меѓу земјите од Западен Балкан и ЕУ.
Истовремено стана збор и за активностите на ЕК во контекст на следните чекори за поддршката од ЕУ при справување со социо-економските последици од пандемијата, а беа разменети мислења и за евроинтеграциските процеси.
Од страна на еврокомесарот Вархеји беше искажана подготвеност за поддршка на регионот за контрола на вирусот, координација при следните чекори за закрепнување и повторно поврзување на регионот со ЕУ во контекст на слобода на движење, каде што главниот критериум кој е препорачан при носење на одлуките е врз основа на објективната епидемиолошка слика.