Димитров: ЕУ да нѐ европеизира, а не да нѐ балканизира
Вицепремиерот за евроинтеграција Никола Димитров ја повика Европската унија да го исполни принципот на наградување за исполнување на реформите и низ процесот да влијае на воспоставување европски стандарди во земјата, а не дополнително да не балканизира.
„Ако историјата добие централно место во процесот на преговарање, прашање е во која мерка тој ќе интегрира или ќе балканизира“, предупреди Димитров околу спорот со Бугарија кој ја кочи одлуката за преговарачката рамка за Македонија.
Тој посочи дека нашата влада досега имала рамка за преговарачката структура но поради промената на моделот на преговарање од страна на Брисел таа се менува, не само затоа што сега ќе се преговара според групирани поглавја туку и поради тоа што преговарачкиот процес сега станува многу политички.
Тој потврди дека договорот со ФРОНТЕКС стои непотпишан бидејќи Бугарија има резерва околу формулацијата „македонски јазик“ и покрај интересот на Брисел да се регулира присуството на оваа агенција за справување со мигрантите во нашата земја.
Евроамбасадорот Дејвид Гир рече дека има два пата за евроинтеграцијата – да продолжат билатералните преговори со Бугарија и, како втор, да се остварат реформите. Колку повеќе постигне Македонија, оцени тој, толку поблиску ќе биде до Европската унија. Иако ЕУ е како магнет што привлекува, придвижувањето и моментумот треба да дојдат од овде, порача Гир.