Димитров: Добро што не се сетивте да поднесете интерпелација и на ЕК!


Фото: Б. Грданоски

Вицепремиерот за евроинтеграции, Никола Димитров, на денешната седница на Собранието на која се разгледува интерпелацијата поднесена за него од ВМРО-ДПМНЕ, го нарече панаѓур на некомпетентност канењето да учествува на расправа за спорот со Бугарија на Комисијата за надворешни работи.

-Вие тврдите дека сум бил уредно поканет на седница на Комисијата за надворешна политика, сум бил должен да се појавам, а јас сум одбил. Тоа е апсолутна лага, по сите основи. Сакам да бидам кристално јасен, по сите основи. Лага е дека сум бил уредно поканет, лага е дека сум бил должен да присуствувам, лага е дека сум одбил да присуствувам“, кажа Димитров, додавајќи дека според Деловникот на Собранието, ако на седница на работно тело не се разгледува закон или предлог-закон, тој може, но не мора да присуствува и затоа е бесмислено да одговара за нешто што не е задолжително.

Според него, претседателот на Комисијата не бил способен да испрати навремена покана и да обезбеди елементарни услови за нејзината работа, така што место да биде маскота на таа расправа, избрал да работи за државните интереси, порача Димитров.

-За жал, немам време, а уште помалку желба, да учествувам во театар на картони, за што признавам, му нема рамен (на Антонио Милошоски), во способноста да прави циркуз од државните интереси, особено во Собранието. За таков театар, не сум ви потребен јас. Тоа одлично го терате и без мене“, рече Димитров.

 Тој нагласи дека на првите две интерпелации им пристапил со должна одговорност, но не и за оваа. „Што очекувавте, да прифатам преговори по секоја цена? –  праша тој околу обвинувањата за преговорите со Бугарија и за , како што го нарекоа од ВМРО-ДПМНЕ, фијаското за евроинтеграцијата, порачувајќи дека е добро што не се сетиле интерпелација да поднесат и на Европската комисија.

-Мене ме обвинувате што соседна Бугарија го прекрши Членот 2 од Договорот за пријателство каде што се обврза да ни помага во евтоинтеграцијата, а не да не блокира? Ние ги земаме жешките костени во раце, вие се радувате на секоја изгореница. Моја работа е да ги водам преговорите во најдобар интерес за нашата земја. Јас не сум виновен ако другата земја не ги почитува договорите, реагираше Димитров на обвинувањата.

Тој и порача на главната опозициска партија дека е во заблуда ако верува дека со сопки и саботажи ќе добијат клучни политички поени. Според негова оценка, ВМРО-ДПМНЕ всушност бара излез од нивниот внатрепартиски хаос со рушење на оваа држава.

-Едвај чекате лоши вести, а кога ги нема, ги измислувате. Малку ви беа демантите од Луксембург, си рековте дајте да ги мобилизираме и Данска и Холандија, со алузија дека дискретно го поддржувале ветото на Софија. За одлуките на трети држави виновна е македонската влада, но ако случајно има добра вест од надвор заслужни сте биле вие. Па и тоа како да не беше доволно за пасионираните колекционери на деманти на вашите зборови, најдовте начин како и Словачка и Чешка да ве прозиваат дека вие ама баш никако не сте придонеле за нивната одлука да застанат на страната на европските принципи. Небаре демантите од земјите членки ви се ордени кои ги закачувате во Белата Палата, а не документиран резил од кој секој би се срамел“, рече Димитров.

Притоа, ги нарече преставниците на опозицијата  лажни патриоти кои за да дојдат на власт застапуваат антимакедонски ставови, како и на тие во Бугарија и претходно во Грција кои бараа моја смена.

-Како тоа јас ги предадов македонските државни интереси, а Бугарија вели јас сум еден од главните проблеми што нема договор?- запраша Димитров. 

Како трета небулоза тој го оцени тврдењето на опозицијата за пасивност на неговата институција, СЕП. Според Димитров, за да даваат вакви оценки треба да имаат барем  базични знаења што треба да работи СЕП.

-Кажете еден проект што требало да го спроведе СЕП, а не го спровело? – додаде тој. 

Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Александар Николовски, образложувајќи ги причините за интерпелацијата истакна дека очекува таа да биде прифатена поради, како што рече, тоталното фијаско со европските интеграции на државата што е целосно спротивно на ветувањата на владејачкото мнозинство.

-Ова владејачко мнозинство како ветување број 1 имаше почеток на преговори  за членство во ЕУ. Тоа што на почетокот на февруари 2021 дебатираме тука во Собранието во услови кога Македонија воопшто  не почнала преговори за членство и крајно е неизвесно не само кога  и дали воопшто ќе ги почне е најголемо фијаско што можеше да и се случи на оваа Влада, рече Николовски, дополнувајќи дека за ваквата состојба најодговорни се Димитров и претседателот на Владата. (С.Ј.)