Димитров добитник на награда за придонес во европската интеграција на регионот


По повод петгодишнината на European Western Balkans, порталот му додели награда на министерот за надворешни работи на Република Северна Македонија, Никола Димитров „за вложување извонредни напори за приближување на својата земја и регионот до Европската Унија, промовирање на духот на соработка и мир во регионалните прашања, со посебен акцент на нормализацијата на односите меѓу Грција и Северна Македонија, како и за поддршката за демократските реформи и надминување на товарот од минатото на Западен Балкан, која служи како пример”, соопшти денеска МНР.

-Како што Европа не е комплетна без Западниот Балкан, така и медиумската сцена во регионот не би била комплетна без  European Western Balkans – секогаш присутни, навремени и фокусирани на работите кои значат – заедничка ЕУ иднина.  Честитки за комплетирањето на пет успешни години EWB!  Заедно да го зајакнеме трансформативниот процес и да го прославиме комплетирањето на европската приказна на Балканот, колку побрзо, толку подобро, рекол министерот Димитров изразувајќи благодарност за наградата.

Награда на МНР Димитров ќе му биде врачена по завршувањето на работните посети на Париз, Брисел и Берлин, оваа недела.