Димитров до Милошоски: Го палиш пожарот, па бараш отчет од тој што го гаси
Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски, го обвини министерот Никола Димитров дека е виновен што Историската комисија меѓу Бугарија и Македонија постигнала технички напредок кој, според него, се состои во тоа што се откажала од терминот Македонска историска комисија бидејќи преку уставниот закон за спроведување на амандманите во 2019 година Димитров им го овозможил тоа на сите што ќе го побараат.
-Бришачот, тој што ја избриша придавката кон институциите и од институциите кон други држави е Никола Димитров, така што членовите на Историската комисија имале морална дилема дали и натаму да опстојуваат на терминот „македонска“, но Димитров уставно-правно тоа им го оневозможил. Значи нема придавка македонски, нема македонска комисија ако таа е државен орган, ако таа е институција. И вие како пратеници ќе се соочите со вакви работи во Советот на Европа и во друи организации. Да знаете дека, кога ќе ви оспорат дека не можете да кажете македонски делегации, дека тоа е тројанскиот подарок од Никола Димитров за неговата кариера преку Членот 2 став 4 од уставниот закон за спроведување на амандманите од 2019 година, тврдеше Милошоски, нарекувајќи го Димитров „гробарот на институционалното користење на придавката македонски“.
Исто така тој оцени дека Димитров испреговарал Договор за пријателство со кој обезбедил обврска од Бугарија дека ќе ја поддржи поканата за влез на Македонија во НАТО, а во однос на ЕУ – само да го сподели нивното искуство, тврдејќи дека со тоа и дал основа на Бугарија да ни стави вето. И дека, според негова оценка, заради тој договор тензиите меѓу двете земји сега се поголеми отколку да го немало.
Димитров, пак, откако му го оспори интегритетот бидејќи е демантиран секојдневно од земји членки на ЕУ поради шпекулации на социјални мрежи, го запраша Милошоски – дали на една земја членка воопшто и треба договор за да ја искористи привилегијата како земја членка и да не блокира, околу што екс министерот призна дека не е неопходно.
Потребата од договор со Бугарија, рече Димитров, настана поради влошените односи за време на вашето и по вашето министерување со надворешните работи, претходно посочувајќи дека овие напади од Милошоски му алудираат на некој што го запалил пожарот па бара отчет од тој што го гаси, зошто не го гаси побрзо. Тој наедно повтори дека да го немавме договорот сега ќе бевме во полоша ситуација и дека потврда за тоа се гласовите од Софија дека не е доволно добар и треба да се смени.
-Нашето државјанство во личната карта во ОН пред Преспанскиот договор беше „на поранешната југословенска Република Македонија“ , а придавката „македонско“ се внесе по Преспанскиот договор заедно со македонскиот јазик, што сега најде место и во Преговарачката рамка иако долги години во документите на ЕУ се нарекуваше јазикот на државата, официјалниот јазик и слично, рече Димитров.