Димитријевиќ: Почнаа нарачаните кривични пријави против кандидатите на СДСМ


Александар Саша Димитријевиќ, генерален секретар на СДСМ, обвини денес дека почнале  да се спровеедуваат нарачани кривични пријави против кандидатите на СДСМ и дека „режимот е на дело“.

-ВМРО-ДПМНЕ започна со режимските практики пред избори. Кривичната пријава за градоначалникот на Крива Паланка е срамен притисок и црна кампања на власта против успешните градоначалници на СДСМ. ВМРО-ДПМНЕ знае дека не може да победи во Крива Паланка, па не им останува ништо друго освен да ги вклучат механизмите за притисок и монтиран прогон. Режимот се враќа – граѓаните не смеат да подлегнат на овие злоупотреби, туку силно да одговорат на избори против старите режимски методи на власта, порача Димитријевиќ.

Според него, ова не е изолиран случај.

-Во сите општини каде што раководи СДСМ започната е инструментализирана кампања за притисок од сите можни институции. Се вршат инспекции и се измислуваат прекршоци, а во другите општини со кои раководат ВМРО-ДПМНЕ и ВЛЕН ништо не се проверува и нема инспекции. Додека Тошковски срамно го брани криминалот на Висар Ганиу од 225 милиони евра, на оние кои чесно работат им измислува кривични пријави за да врши терор и заплашување.Тошковски и Мицкоски мижат пред криминалот на ВЛЕН молчат за десетици скандали со местени тендери кои ги објави за нивните градоначалници, но измислуваат криминал кај СДСМ и нашите кандидати.

Ова е удар врз демократијата и слободата, врз правниот поредок! Тошковски треба да се срами што извршува вакви партиски задачи и што го злоупотребува МВР за партиски цели. Кога ВМРО-ДПМНЕ не знае како да се спротивстави и знае дека ќе изгуби, тогаш не бира средства – уништуваат семејства, газат по законот и заплашуваат. Но, ова ќе им се удри од глава, а во Крива Паланка и во други општини ќе бидат поразени!- тече тој.

Потоа, директно  им се обрати на нивните членови и функционери.

-Не смееме и нема да потклекнеме пред овие закани! Ваквиот режим еднаш го преживеавме и победивме со упорност и со борба, со чесна работа и истрајност. Сега е потребно да се спротиставиме со цела сила, со фактите и вистината и граѓаните ќе препознаат кој е чесен, а кој режимски инструиран политичар! СДСМ ќе продолжи да го разоткрива режимскиот карактер на оваа власт кој само продолжува онаму каде што Груевски застана, порача тој.