Димитриеска Кочоска задоволна од растот на БДП, но не брза со корекција за стапката за 2025 година


Во овој момент не би ја ревидирала проекцијата за економскиот раст на земјава во 2025 година иако во последниот квартал од 2025 година е постигнат раст од 3,2 проценти што е повисок од очекуваниот, оцени денеска министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска.

-Секогаш сум многу внимателна во однос на бројките. Убаво е кога бројките покажуваат дека одиме во позитива и во добра насока, но сепак би била многу внимателна. Мислам дека раст од 3,7 проценти за 2025 година, како што ни е проектиран, треба да ни биде целта и да се трудиме тоа да го реализираме. Премногу е рано да зборуваме за било какви корекции во нагорна линија, рече Димитриеска Кочоска во одговор на прашање по денешното потпишување Меморандум за соработка со Економскиот факултет во Скопје.

Прашана дали е задоволна од растот од 3,2 отсто во последниот квартал од минатата година, рече дека е задоволна и оти очекува уште подобри резултати.

-Задоволна сум со оглед на фактот дека во економијата работите не може да се случат преку ноќ. Очекуваме уште подобри  резултати, но со состојбите на глобално ниво би била среќна ако во првиот квартал од 2025 година продолжиме во насока на повисок раст од тој кој што го остваривме во последниот квартал од 2024 година. Сепак, би се фокусирала на она што беше наша главна проекција, а тоа е раст од 3,7 проценти во 2025 година, потенцира Димитриеска Кочоска.