Димитриеска-Кочоска: Првиот инвестициски циклус од британскиот заем ќе изнесува 2,2 милијарди евра и ќе трае пет години


Железничката инфраструктура и инвестиции во здравството, во износ од околу 2,2 милијарди евра, се два сигурни проекти од шесте милијарди евра финансиска рамка со Обединетото Кралство, вели министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска.

Во гостување во 360 Степени таа вели дека како Влада се многу внимателни во тој дел. Не одиме, нагласува таа, наеднаш и оптимистички во реализација на сите шест милијарди имајќи предвид дека земјава треба да има проекти што се зрели и да можат да се реализираат.

-Првиот циклус подразбира некаде околу пет години. Тоа значи дека две милијарди на пет години се по 400 милиони евра. Толку е годишното зголемување на јавниот долг по однос на овие инвестиции кои, од друга страна, ќе придонесат за раст на економијата затоа што вие, да речеме, при реализација на железничката инфраструктура имате активирано повеќе македонски компании кои ќе работат итн. Значи, додадената вредност ќе биде поголема, рече министерката.

Прашана зошто сега повторно се спомнуваат болниците во Штип и во Кичево со нови извори на финансирање кога тие веќе се дел од буџетот за оваа година, министерката одговори дека токму ова прашање е делумен одговор на тврдењето дека јавниот долг нема да расте така како што други го пресметуваат.

-Нам ни било буџетирано затоа што сме предвидувале дека ќе разговараме со други меѓународни финансиски институции кои ќе ги поддржат овие инвестиции. Во моментот се случија овие преговори со британската Влада, ги ставивме како пакет и можност да ги искористиме средствата од таму и да инвестираме во овие две болници што се веќе буџетирани. Е сега, мора да потенцираме уште една работа. Зголемувањето на долгот ќе оди етапно. Секоја година по колку што ќе влечеме од тие средства, така ќе го зголемуваме и долгот. Враќањето на кредитите ќе биде по одреден период. Во овој момент не сакам да дадам најпрецизен одговор зашто сè уште сме во преговори. Чекаме да се потпише најпрво меморандумот за соработка и да видиме како понатаму ќе се одвиваат работите. Ај да речеме дека станува збор за проектно финансирање. Конечно, како држава, да почнеме да се однесуваме како што секоја европска држава се однесува. Имате конкретен проект. Тука луѓето што користеле кредити, банкарите можат многу добро да ме разберат, имаме инвестиција за која знаеме колкав е периодот на изведба. Во тој период не враќаме ништо. Тоа е оној грејс-период за кој зборуваме. Потоа, ќе следи периодот на отплата. Колкав ќе биде периодот на отплата ќе покаже физибилити студијата, министерката Димитриеска-Кочоска.

Изборот на фирми од Обединетото Кралство што ќе ги градат брзата пруга од Табановце до Гевгелија и неколкуте болници, според неа, ќе се прави врз основа на Законот за јавни набавки, кој има јасни одредби што се случува при вакви договори „влада со влада“. Тоа, додава таа, значи дека нема да има само една, туку повеќе понуди.

-Си има точно, во членот си е дефинирано дека мора да има понуди, повеќе понуди. Не може да биде само една, треба да се неколку понуди, да се избере најповолната. И не е дека ќе бидат само британски компании и дека нема да бидат ангажирани македонски компании. Премногу е рано за да ги додефинираме сите овие работи, премиерот јасно кажа на прес-конференција дека ќе има и македонски компании. Точно е дека дел ќе бидат британски компании кои ќе ангажираат подизведувачи. Кажав дека мора да има повеќе понуди, не може да биде само една понуда и ќе се избере најповолната. Не е ова нешто непознато, истакна Димитриеска-Кочоска.

Министерката за финансии вели дека  не можеме да се оди и да се преговара со една компанија, туку оти е јасен Законот за јавни набавки кој не ги исклучува ваквите договори „влада со влада“. Тврди дека дека договорите ќе бидат јавни и дека нема да има авансно плаќање.

-Парите ќе ги влечеме така како што ќе реализираме. Пет години ние ќе повлекуваме средства на кој начин – изградиле еден дел, фактурираат, користиме средства од банката, плаќаме. И тоа ќе трае пет години, барем така беше првично најавено. Затоа, велам, да не зборуваме однапред, да ги додефинираме работите. Ќе имаме грејс-период, тоа е периодот на изведба. Периодот на отплата кога ние ќе почнеме да ги враќаме средствата е кога пругата ќе почне да генерира приходи, додава министерката.

Авансно плаќање, нагласува, нема да има. Првата фактура треба да биде во 2027 година.

-Парите ќе ги влечеме така како што ќе реализираме. Пет години, колку што трае еден циклус, ќе повлекуваме така што како се одвива реализацијата и така ќе плаќаме. Така беше првично најавено. Дека ќе имаме грејс период, период на изведба и период на отплата, наведува министерката.

Таа потенцира дека ова е различно од издавањето еврообврзница.

-Издавањето еврообврзница не значи проектно финансирање. Кога имаме огромни проекти коишто ќе значат додадена вредност за идните генерации, тој трошок треба да го споделите и со идните генерации. Не можете да го носите целиот товар. Така ситуацијата со Коридорот 8 и 10д. Во 2023 година има најголемо префрлање од 14,5 милијарди денари кон Бехтел и Енка или 230 милиони евра. Истата година 2023 издадена е еврообрзница со која е финасиран овој дел со 7 отсто камата. Дали е тоа во ред. Ние велиме одиме со проектно финансирање, што ќе биде поевтино од овие 7 отсто, кое ќе подразбира во годините најпрвин да инвестираме, да не плаќаме и да не вршиме отплата, рече Димитриеска-Кочоска.  

Во однос на влијанието врз јавниот долг, рече дека кога се инвестира во истовреме има и раст на БДП.

-Не може да очекуваме да имаме задолжување, а да немаме раст на БДП, и да имаме лоши проценти или зголемен јавен долг. Тоа можеше во минатото, кога непродуктивно се трошеа парите и имавме ситуации да правиме најразлични трансфери кон одредени јавни претпријатија и акционерски друштва, рече министерката во гостувањето.