Министерката Димитриеска-Кочоска не верува во ограничените маржи

За СДСМ овој став на министерката за финансии е признание за неефикасните мерки на владата


Фото: Б. Грданоски

 

Министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска смета дека ограничување на маржите не дава резултати, но верува дека Законот за спречување нефер трговски практики може да помогне во смирувањето на цените. За опозициската СДСМ ова е признание дека мерките на владата за замрзнување на цените на производите немаат никаков ефект, како и дека моментално состојбата во маркетите потврдува дека речиси и да нема производи со намалени цени, дури забележано е и намалување на грамажата на одредени производи.

Димитриеска-Кочоска денеска на прес-конференција отворено посочи дека не верува во една од владините мерки кои се преточени во таканаречената Есенска кошничка, со која се замрзнаа трговските маржи на седумдесетина основни прехранбени производи и рече дека на владината седница на која се носела одлуката за ограничување на бруто-профитните маржи била против ваквата мерка и дека сè уште стои на овој став.

„Никогаш не можам да се согласам со мерка за замрзнување на цените, односно на маржите“, рече министерката на прес-конференција на која даваше отчет за реализираното во првите 100 дена од конституирањето на владата. Таа посочи дека станува збор за сложени методологии за пресметка и смета дека во државните институции нема доволно капацитет да се пресметуваат и проверуваат таквите маржи.

„Кажав дека не се согласувам и сè уште стојам на ставот дека сум против замрзнување маржи и сметам дека не носат никакви резултати, затоа што сметам дека немаме доволно стручни лица што ќе можат да ги следат анализите и пресметките што дополнително се прават од надлежните институции или од инспекторите кога излегуваат на терен“, рече таа.

Инаку, од асоцијациите на стопанствениците деновиве веќе стигнуваат поплаки за изигрување на законот преку одредени рабати, бруто маржи и слично, а од Државниот пазарен инспекторат на прес-конференција посочија за изгрување на законот преку пуштање на производи со помала грамажа, како на пример пакување од на кафе од 194 грама наместо стандардниет 200 грама, кисело млеко од 300 грама и тн.

Димитриеска-Кочоска вели дека на крајот ставот на Владата е тој, со тоа што во периодот кој следи очекува да има промени во регулативата затоа што смета дека ефектите нема да бидат толку големи колку што се очекува.

За неа е клучна состојбата на зелените пазари, а за високите цени таа рече дека треба да се запрашаме зошто субвенциите кои што се истураат во земјоделството не даваат резултати.

„Како стигнавме до толку високи цени на земјоделските производи? Сѐ помалку произведуваме, тоа е првиот проблем, колку субвенции трошиме. Токму од таа причина треба да се направат анализи и мислам дека Министерството за земјоделство веќе е во процедура за измена на методологиите како се распределуваат тие субвенции, затоа што трошиме ненормално многу средства за нешто што очигледно не дава ефект, цените и понатаму растат и кај нас проблемот се земјоделските производи. За жал, од година во година имаме сè помало производство на земјоделски производи и сè поголем увоз“, рече Кочоска.

Од друга страна министерката вели дека Законот за нефер трговски практики е добро решение за овие проблеми бидејќи, како што посочи, повеќе ќе го регулира пазарот отколку „овие математики што ги правиме“. Законот за нефер трговски практики беше донесен во март, а стапи во сила на крајот на минатиот месец. Според Димитриеска-Кочоска со овој закон многу поедноставно може да се следи и да се проверува ограничувањето на цените, односно дека тој повеќе ќе го регулира пазарот отколку „овие математики што ги правиме“.

Таа на прес конференцијата го истакна и унгарското искуство, посочувајчи дека во Унгарија имаат мерка која сега не ја практикуваат затоа што инфлацијата е ниска, но некогаш ја користеле.

„За мене е тоа многу поприфатливо и посоодветно решение доколку веќе се пристапи кон такво нешто. Тие имале попуст, така го викаат, три месеци наназад да прават просек и врз основа на таа цена оделе со на пример 20 проценти попуст, ама на конечната цена, а не со трговски маржи, па што признаваат, па што не признаваат“, рече Димитриеска-Кочоска.

Таа смета дека треба да се најде поедноставен метод каде што навистина ќе можат да ги контролираат работите, а притоа нормално да не нанесат штета и на приватниот сектор.

Од СДСМ, преку соопштение до медиумите велат дека е добро што Димитриеска-Кочоска јавно кажала дека не се согласува со овие мерки на Владата и потврдува дека не се ефикасни.

„Но ја потсетуваме Кочовска дека веќе не е опозиција туку е министерка во Влада и води едно од најважните министерства. Ако не се сложува нека даде решение. Граѓаните очекуваат решенија за намалување на цените а не само мислења“, велат од СДСМ.

„Граѓаните се оптоварени од поскапувањата, особено во делот на храна. Владата на ДПМНЕ не успеа на време да воведе мерки кои ќе го заштитат стандардот на граѓаните и да ги намалат трошоците на живот за што цената ја плаќаат токму граѓаните“, велат од СДСМ додавајќи дека е неприфатливо граѓаните да го носат товарот на економските потешкотии, владата да презема мерки со задоцнување кои немаат никаков ефект а министерката којашто е најповикана да нема решение туку мислење.