Димитар Ташковски: Мојата визија за УКИМ е современ, отворен и истражувачки универзитет

Само на тој начин УКИМ ќе и служи на својата улога за која и е формиран, стожер на напредно образование и знаење и двигател на економскиот развој на државата, вели професорот Ташковски


 

Современ, отворен и истражувачки универзитет кој ќе биде стожер на напредното образование и знаење и двигател на економскиот развој на државата, е дел од визијата на професорот Димитар Ташковски, декан на Факултетот за електротехника и информациски технологии, како еден од кандидатите за ректор на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ за изборот што ќе се одржи утре.

„Сметам дека имаме повеќе приоритети на кои треба паралелно да работиме за да го вратиме сјајот и местото на УКИМ во општеството, но и да се приклучиме кон семејството на препознатливи европски високообразовни институции, каде и му е местото на УКИМ по капацитетите кои несомнено ги има“, вели професорот Ташковски.

Тој посочува дека проблемите и предизвиците со кои се соочува УКИМ се повеќеслојни и таложени долги години и затоа мораме паралелно да работиме на повеќе полиња.

„Мораме да го зајакнеме квалитетот на студиските програми, меѓународно да ги акредитираме, да го зголемиме степенот на практична работа на студентите како и да поддржиме постојана меѓународна размена на студенти. Мораме да ја засилиме научно-истражувачката работа во меѓународни проекти затоа што не смееме постојано да чекаме помош од државата, а во таа насока мораме и да го зајакнеме капацитетот за меѓународна соработка. Мораме да го институционализираме процесот на трансфер на технологии и иновации што пак ќе влијае и на зголемена соработка со стопанството, но и ќе биде дополнителен извор на приход за УКИМ. Мораме да обезбедиме систем за управување со квалитет на УКИМ во сите полиња на делување. Мораме комплетно да го дигитализираме УКИМ во делот на наставата, услугите кон студентите, како и административното работење. Конечно, мораме да работиме на создавање нов простор за факултетите и за нови лаборатории во кои ќе се работат врвни истражувања. Како што гледате, тешко е да се издвои еден приоритет“, вели тој, нагласувајќи дека неговата визија за УКИМ е современ, отворен и истражувачки универзитет.

Тоа подразбира современи студиски програми, современа и модерна инфраструктура, одлични услови за работа, силна соработка помеѓу различните единици и вработени и главна улога во создавањето ново знаење и трансфер на технологии кон општеството.

„Само на тој начин УКИМ ќе и служи на својата улога за која и е формиран, стожер на напредно образование и знаење и двигател на економскиот развој на државата“, вели професорот Ташковски.

Во однос на еден од клучните предизвици, подигнување на нивото на образованието со цел УКИМ да одговори на барањата на стопанството и да придонесе за поголем економски развој, Ташковски посочува дека Универзитетот мора да му служи на стопанството.

„Кадрите што ги создава мора да бидат компатибилни со потребите на пазарот на труд. Од друга страна, универзитетот не смее да се води од моментални потреби за брзо квалификуван кадар (за тоа постои неформално образование) туку мора да се наметне кај стопанството како релевантен и неопходен чинител за економски развој и економија базирана на знаење и иновации. Мораме да го намалиме јазот помеѓу академијата и стопанството преку постојана соработка, практична работа во соработка со стопанството, работа на заеднички апликативни проекти во кои ќе бидат вклучени студенти, воведување на концепт на т.н. Problem-based Learning (PBL) каде што проблемите се релевантни за стопанството итн. Спрегата стопанство – универзитет мора да се зајакне, мора да биде двонасочна и искрена и мора да се базира на мериторни критериуми кои ќе бидат видливи за двете страни“, вели Ташковски.

Современи студиски програми, современа и модерна инфраструктура, одлични услови за работа: Димитар Ташковски

На прашањето дали УКИМ може да биде повисоко рангиран на меѓународните листи на универзитети и што е потребно да се направи за тоа, Ташковски категорично вели: „Секако дека може“, при што посочува дека се потребни две суштински работи за тоа да се оствари.

„Првата е соодветна финансиска поддршка за наука и истражување од државата наменета за проекти, наука, истражување и иновации. Втората е зајакнување на сопствените капацитети на УКИМ за научноистражувачка работа“, вели професорот Ташковски.

Тој додава дека преку континуирано јавно истакнување на важноста на научноистражувачката дејност за развојот на економијата и општеството во целина, но пред сѐ преку континуираната комуникација со ресорното министерство и со Владата ќе настојува да се обезбеди соодветна финансиска помош од државата за наука и истражување.

„Основни активности за зајакнување на сопствените капацитети на УКИМ за научноистражувачка работа ќе бидат формирање на силни истражувачки групи при што акцент ќе биде ставен на интердициплинарноста, зголемено учество во меѓународни проекти како и зголемени критериуми за извонредност во науката, односно подобрување на квалитетот на објавените трудови (објавување во списанија со фактор на влијание, зголемување на цитираноста, објавување на трудови со реномирани научници)“, вели тој.

За поддршка на овој процес, како што објаснува, ќе се зајакне капацитетот на Канцеларијата за меѓународна соработка која ќе ги следи сите отворени повици, ќе ги информира вработените на УКИМ за истите, ќе организира работилници за соодветни програми, ќе остварува контакти со потенцијални партнери, ќе учествува во подготовка на апликациите како и во имплементација на добиените проекти.

„Од средствата кои се издвојуваат од меѓународните проекти кои се имплементираат на УКИМ, ќе се формира и сопствен Фонд за наука и развој. Средствата од Фондот за наука и развој врз основа на транспарентни и мерливи критериуми ќе се користат за финансирање на интердисциплинарни научни проекти, поттикнување на кадарот за подготовка на проектни апликации, поддршка за подготовка на проектни апликации, поддршка на асистентите за објавување на научни трудови и слично“, вели професорот Ташковски.

Кандидати за нов ректор на најстариот универзитет во земјава се Билјана Ангелова од Економскиот институт, Горан Ајдински од Филозофски факултет, Ратко Дуев од Филозофски факултет, Атанас Кочов од Машинскиот факултет, Христина Спасевска од ФЕИТ и Димитар Ташковски од ФЕИТ. Нивните кандидатури беа прифатени од Универзитетската изборна комисија по распишаниот оглас.

Гласањето на факултетите и институтите во состав на УКИМ ќе се спроведе утре кога се очекува да биде избран новиот ректор на универзитетот. Тој треба да го наследи актуелниот, проф. д-р Никола Јанкуловски од Медицинскиот факултет, кој беше ректор во два мандата. (М.Ј.)