ДИК: Потребни се 723.252 гласачи за избор на нов претседател
Вкупно 1.808.131 избирачи ќе може да учествуваат на шестите претседателски избори во земјава. Државната изборна комисија вчера го заклучи Избирачкиот список за изборите на 21 април, односно 5 мај, кога ќе се гласа и за нови градоначалници на општините Охрид, Дебар и Ново Село. Според ДИК, 1.726.696 граѓани ќе гласаат на денот на изборите, а останати, како иселениците, затворениците и болни и изнемоштени лица се наоѓаат на посебен Избирачки список и ќе гласаат ден претходно. До ДИК биле поднесени 50 барања за корекција во списокот.
За претседателските избори да бидат успешни, односно за да биде избран петтиот шеф на државата, одлучувачки е вториот круг, кога на гласање треба да излезат 40 проценти од запишаните гласачи. Според бројката што вчера ја соопшти ДИК, тоа би значело дека на 5 мај на гласачките места треба да се појават најмалку 723.252 избирачи.
Во претседателската трка овој пат учествуваат тројца кандидати – Гордана Силјановска-Давкова, Стево Пендаровски и Блерим Река. Еден од нив ќе биде елиминиран во првиот круг, а победник ќе биде тој кој во вториот круг ќе освои мнозинство гласови, под услов да се постигне одѕив од најмалку 40 проценти.
Избирачкиот список е овој пат нешто помал од бројката на гласачи за референдумот на 30 септември минатата година, кога право на глас имаа 1.806.336 избирачи. Цензусот за референдумот е 50 проценти, но тогаш на гласање излегоа само околу 36 проценти од евидентираните гласачи.
На последните локални избори во 2017 година, пак, право на глас имаа 1.814.644 избирачи.
В недела напладне во просториите на ДИК кандидатите за претстојните избори треба да потпишат кодекс за фер и демократски избори. Кампањата почнува в понеделник и ќе трае 20 дена пред првиот круг гласање. (П.Р.)