ДИК ги броела гласовите цела ноќ, попладне ќе излезе со резултатите


Фото: Б. Грданоски

Слободанка Јовановска

По хаосот поради нелогичните бројки од гласачките места и паѓањето на страницата, во ДИК ги проверуваат записниците и точните резултати ќе бидат објавени попладнево.

Според Борис Кондарко, членовите на ДИК работеле цела ноќ и се уште работат на проверка на електронските резултати со тие што стојат во записниците и нема шанси хакерскиот напад да влијае на кредибилноста на процесот. Нападот е пријавен во МВР кое ќе покрене истрага, но според него ова не е првпат бидејќи и на минатите претседателски избори имало упад на страницата на ДИК.

-Работиме по стандардната процедура.Ги примаме оригиналните записници од секое избирачко место и тие се споредуваат со електронските податоци внесени директно од избирачките одбори. Ова ќе биде втор неофицијален внес и попладне ќе ги објавиме резултатите, вели Кондарко според кого освен техничкиот проблем со серверот нема друг проблем околу изборниот процес.

-Хакерскиот упад нема шанси да влијае на броењето туку само на објавувањето на резултатите кон надвор. Цела ноќ сме во ДИК и работиме. Овој проблем не може да го оспори резултатот од изборите, уверува Кондарко.

Инаку, постапката за набавка на софтвер за веб сајт на Државната изборна комисија на кој што требаше вчера во живо да се објавуваат резултатите од предвремените парламентарни избори завршила на 8 јули 2020, кога била одбиена жалбата на „Ај Воут“, фирмата која што без проблеми го одржуваше сајтот на ДИК од 2006 година, т.е. од формирањето на ДИК како постојано тело. Набавката на софтверот била  спроведена со преговарање и без објавување на оглас, а како најповолен понудувач беше избрана фирмата „Дуна“. Двете компании биле поканети на преговори од ДИК на 19 јуни 2020, а фирмите утредента ги доставиле понудите. Одлуката за избор на „Дуна“ е донесена на 22 јуни 2020. Истиот ден, „Ај Воут“ поднела жалба, која што била одбиена од Државната комисија за жалби по јавни набавки како неоснована на 8 јули 2020.

Во јавноста се споделуваат цело утро гласачките апсурди од податоците на страницата на ДИК, при што се тврди дека е сосема нелогично албанските партии да освоиле 28 пратенички места, при што победиле и во места каде што нема Албанци, вклучувајќи ја и Струмица.Еден од нивните „бисери“, според Канал 5 и и тоа дека во Ново Село во Струмичко победила Алијансата на Зијадин Села и дека погрешно биле распоредени дури 800.000 гласови. Така, на избирачки места кои се наоѓаат во Кисела Вода и Карпош може да се види дека најголем број гласови освоила ДУИ, односно на места каде што на парламентарните избори одржани во 2016-та година освоила вкупно 3 гласа, сега според ДИК има над 58 проценти (!) од гласовите, додека на избирачкото место во Кисела Вода повеќе од 49 проценти.

Иако од ДИК уверуваа дека упадот е само на страницата со резултатите, но не и во електронскиот систем за нивно пребројување, по се изгледа хакерскиот напад бил темелен и може да се каже дека станува збор за некаков „дигитален 27 април“, со цел да се оспори легитимноста на ДИК, а можеби и на изборите, да се внесе конфузија околу резултатите, да се создаде основа  за спорење на победата на СДСМ и можеби да се бараат нови избори.

Патем, се дознава дека хакерскиот напад бил оркестриран, од повеќе ИП адреси и  бил од странство, па само благодарение на способноста на нашите компјутерџии надвор од ДИК  било спречено да биде полошо. Тоа што на удар се најде и порталот time.mk покажува колку сериозна цел имале тие што го организираа, а секако и интерес.

-Веќе 20.000.000 ip adresi. Што правеле овие, го купиле цел dark web. 500MBit/sec има income traffic, напиша сопственикот на time.mk, Игор Трајковски, на твитер за нападот, илустрирајќи дел од адресите од кои бил напаѓан.

Според проценка на експертите, ДИК можел да го превенира и да се заштити од нападот и прашање е зошто не го сторил тоа. Дури, како што се оценува, не е важно кој го спровел и од каде, бидејќи нападот се прави преку хакирани ИП адреси, туку кој платил за него. „Фабриката од Велес“ очигледно живее се уште и сега ја стави на мета Македонија.

Инаку, ДИК се пофали пред изборите дека овојпат ќе излезе побрзо со резултатите бидејќи сега располага со  „никогаш-виден ултра брз и модерен гигасајт“, со „илон-маск-лајк_мегатрон софтвер“ со кој  граѓаните во “real-time” ќе ги добиваат резултатите. (Слободанка Јовановска)