Дигиталната трансформација ќе го смени начинот на кој функционира државата
Во рамки на Националната стратегија за развој на ИКТ – СМАРТ/МК 2030, денеска беа претставени две нови дигитални алатки кои ќе ја забрзаат комуникацијата меѓу државата и граѓаните: е-Сандаче и дигитални терминали за услуги. Овие решенија се дел од стратегијата за модерна, транспарентна и ефикасна дигитална држава, која се темели на четири клучни столба – инфраструктура, дигитални вештини, е-управување и иновации.
Според најновите резултати во GovTech Maturity Index (GTMI) 2025 на Светска банка, Македонија е препознаена како земја со високо ниво на зрелост во дигиталната трансформација на јавниот сектор, беше речено на денешната конференција „Трансформирање на иднината: дигитална стратегија за современо општество“, посветена на промоцијата на Националната стратегија за развој на ИКТ – SMART/МК 2030.
-Во најновиот GovTech Maturity Index 2025 на Светска банка, Македонија е рангирана во категоријата A – Extensive GovTech maturity, со резултат 0,760, заедно со земји како Латвија, Литванија, Малта, Холандија и Нов Зеланд што ја потврдува нашата позиција меѓу земјите што демонстрираат солидни капацитети за дигитализација на јавните услуги и унапредување на владини дигитални системи“, рече министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски.
Овој резултат, како што рече, претставува напредок во споредба со претходните изданија на индексот (како што беше во извештајот од GTMI 2023), кога Македонија не беше дел од највисоката група на зрелост, беше оценета со 0,570 и припаѓаше на пониски рангирани категории според вклучениот обем на критериуми за дигитална трансформација. Ова претставува скок од 22 места, од 101 на 79 место.

-Напредувањето во категоријата A – Extensive GovTech maturity (или екстензивна зрелост) ја рефлектира нашата континуирана работа на унапредување на дигиталните платформи, јакнење на основните владини системи и подобрување на интеракцијата со граѓаните преку дигитални канали – додаде Андоновски.
– Дигиталната трансформација не е само воведување на нови технологии, таа е системски процес кој подразбира длабока промена во начинот на кој функционира државата – во културата на институциите и во односот кон граѓаните и бизнисот. Таа значи поедноставни и побрзи услуги, помалку бирократија, повеќе отчетност и поголемо учество на граѓаните во креирањето на јавни политики, порача премиерот Христијан Мицкоски, на отворањето на конференцијата.
Националната стратегија за развој на ИКТ – СМАРТ/МК 2030, нагласи Мицкоски, е визија, но и јасен план, таа е одговор на реалните предизвици со кои се соочува нашето општество и патоказ за тоа каква држава сакаме да бидеме во следната деценија.
-Кога процесите се дигитални, трагата е видлива, а одговорноста е јасна. Кога системите се поврзани, нема простор за злоупотреби, селективност или привилегии, изјави Мицкоски.
Стратегијата СМАРТ/МК 2030, нагласи Мицкоски, го обликува патот на дигиталната трансформација на државата во согласност со нашите специфики, вредности и долгорочни државни интереси. Таа претставува детален и реален патоказ за надминување на развојните предизвици во областа на информатичко-комуникациските технологии и обезбедување забрзан дигитален развој во сите сектори – од јавната администрација, преку образованието и здравството, до економијата и локалниот развој.
-Овој документ се темели на принципите и насоките утврдени во патоказот за дигитална трансформација, а воедно е целосно усогласен со Националната развојна стратегија 24-44, каде што развојот на човечкиот капитал и дигитализацијата на општеството се препознаени како централни двигатели на напредокот. Нема силна економија без дигитални вештини, нема современо општество без дигитално писмени граѓани и нема конкурентна држава без иновативен ИКТ сектор, изјави Мицкоски.

Посебна вредност на стратегијата, посочи Мицкоски, е тоа што таа прецизно ги адресира краткорочните и среднорочните приоритети утврдени во Националната програма за усвојување на правото на ЕУ. Донесувањето на нова стратегија, како и усогласувањето со европското законодавство во областа на електронските комуникации, дигитализацијата на институционалните регистри, воведувањето работа во облак, како и унапредувањето на правната рамка за електронска идентификација и доверливи услуги, според Мицкоски, се јасен сигнал дека сме подготвени за европските дигитални стандарди.
-Но, стратегиите сами по себе не се доволни. Нашата обврска е оваа визија да ја претвориме во конкретни политики, мерливи резултати и реални промени во секојдневниот живот на граѓаните. Да изградиме држава во која услугите се достапни со еден клик, институциите комуницираат меѓусебно, а граѓанинот е во центарот на системот, порача Мицкоски.
Мицкоски, изрази благодарност до министерот за дигитална трансформација и неговиот тим, Стефан Андоновски, за неговиот посветен ангажман и визија во процесот на подготовка и обликување на националната стратегија за развој на ИКТ – СМАРТ/МК 2030.