Дигитализацијата во лозарството отвора нови перспективи за „Тиквеш“: Интервју со Џовани Бигот

Од соработката и контактите со г. Светозар Јаневски и целиот тим, можам да кажам дека „Тиквеш“ не заостанува зад другите светски винарници, вели Џовани Бигот, водечки светски истражувач и промотор на иновации во лозарството


 

Винарската визба „Тиквеш“ го трасира патот кон дигиталната иднина на производството на грозје и вино што ќе има позитивно влијание врз натамошниот одржлив развој на домашното лозарство и македонската винска индустрија во целина. За таа цел деновиве беше промовирана соработката со една од најреномираните светски консултантски компании во областа на лозарството – „Перлеуве“ (Perleuve) од Италија предводена од Џовани Бигот (Giovanni Bigot), водечки светски истражувач и промотор на иновации во лозарството, кој воедно е консултант на најдобрите винарници во Италија и во други земји. Во глобални рамки е познат по т.н. „Бигот индекс“, што претставува иновативен метод за оценување на квалитативниот потенцијал на лозјата. Проектот ќе се спроведува пет години, а е поддржан од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР).

За овие новини и за придобивките од примената на современите дигитални технологии во унапредувањето на лозарството и винарството, разговаравме со Џовани Бигот, кој ќе го предводи експертскиот тим на „Перлеуве“ кој ќе врши опсервации и ќе ги сподели со тимот на „Тиквеш“ најсовремените практики за производство на здраво, висококвалитетно грозје од кое се произведуваат врвни вина. „Тиквеш“ веќе има воспоставено ефикасен систем за мониторинг на лозовите насади што обезбедува податоци за сите значајни параметри за квалитетот на грозјето, почнувајќи од начинот на одгледување, правилното искористување на почвените ресурси, наводнувањето, заштитата од болести и штетници, како и податоци од агро-метеоролошките станици и сателитски снимки на парцелите. Сега, овие податоци ќе се обработуваат во софтверска апликација за мониторинг – „4Grapes”, која овозможува следење на состојбата на секој лозов насад во реално време, што е клучно во носењето навремени и правилни одлуки во лозарството.

Бигот, во разговорот за Независен, вели дека вообичаено, не ги подготвува презентациите претходно, бидејќи претпочита да биде поспонтан.

„За мене е навистина лесно да зборувам за мојата професија, бидејќи тоа е вградено во мене веќе 25 години во кои јас секој ден сакам да создадам нешто ново и знаењето кое го поседувам да го преточам во иновација, во иновативни практики“, вели тој.

 

Господине Бигот, Винарската визба „Тиквеш“ го промовира петгодишниот проект за воведување на дигитализација во лозарството и за модернизација на техниките за производство на грозје. Поимот дигитализација обичните луѓе го поврзуваат со други индустрии, што значи ова во лозарството?

Дигитализацијата во лозарството означува примена на иновативни дигитални методи и вештачка интелигенција во производство на висококвалитетно грозје, преку следење на сите процеси пресудни за одржливиот квалитет на грозјето, почнувајќи од начинот на одгледување, правилното искористување на почвените ресурси, наводнувањето, заштитата од болести и секако податоците од агро-метеоролошките станици и сателитски снимки на парцелите. Јас го започнав овој пат на дигитализација во 2002 година со користење алатка од Франција со која што беше возможно да се складираат сите информации кои што ги гледав, но тоа беше мануелно и одземаше многу време. Тогаш сфатив дека доколку информациите не ги агрегираме во организирана листа со податоци, времето е загубено. Па така, пред 20 години решив да креирам нешто поедноставно. Започнав со две табели во excel, а сега податоците ни се складирани во различни клауди и користиме софтвер за деловно известување (бизнис интелиџенс софтвер), што е неопходно за управување со податоците поради огромното зголемување на капацитетите.

Како тука ќе се спроведува проектот?

Во проектот користиме алатки кои собираат податоци за лозовите насади од сите релевантни извори – техничарите, метеоролошката станица, лабораториските анализи на податоци, и сето тоа е поврзано. Мислам дека во аграрот ова е прв пример на поврзување на податоци користејќи го софтверот за деловно известување кој јас имав можност да го проучам за време на магистерските студии по линменаџмент (lean management master). Најважно е да ја утврдиме целта – што е она што потрошувачите го бараат. „Тиквеш“ го препознава тоа и затоа сега наша заедничка цел е да произведеме поголемо количество на висококвалитетно вино, бидејќи пазарот тоа го бара. А првиот чекор кон постигнување на целта е да се измери квалитетот на виното. „Перлеуве“ има технологија за мерење на квалитативниот потенцијал на лозовите насади. И тоа не е лесен пристап. Напротив, се работи за комплексен пристап кој без соодветна технологија не е применлив. За да бидеме сигурни дека новите резултати се подобри од претходните, мора постојано да мериме. Јас почнав да го мерам секој дел, а потоа да ги ставам сите податоци во апликацијата на „Перлеуве“ која е многу корисна бидејќи ги содржи сите информации. Но, ова е само еден дел. Другиот дел, суштинскиот, е способноста да се управува со податоците и секако да имате систем за собирање на ваквите податоци. На пример, метеоролошките податоци за изминатите 40 години за тиквешкиот регион ги купуваме од сервис од Швајцарија. Тоа го правиме и со податоците за Италија. Другите податоци се однесуваат на хранливите материи, на болестите, историско присуство на болести, анализите на почвата и други.

 

Во тие рамки се користи и вештачка интелигенција. За што конкретно?

Да секако, на пример за препознавање на болестите на виновата лоза. Најнапред треба да го утврдите нејзиното присуство. За таа цел со помош на паметни телефони и специјални апликации прво се прави фотографија на виновата лоза, а потоа вештачката интелигенција ќе каже дали во тој момент во тој дел од лозјето има конкретна болест. Во зависност од присуството на болеста, го одредуваме и планот за заштита на лозовите насади. На тој начин можеме да ја намалиме употребата на пестициди за најмалку 40 до 50 проценти.

 

Во ВВ „Тиквеш“ подолго време посочуваат дека стандардизацијата во производството е нужна доколку винариите, но и државата во целина сакаат да напредуваат на глобалната винска мапа. Колку овој процес е напреднат во другите земји, особено во оние кои се познати производители на вино?

На база на мојата соработка и контакти со г. Светозар Јаневски и целиот тим, можам да кажам дека „Тиквеш“ во овој момент не заостанува зад другите светски винарници. Напротив, земјите кои имаат изградена пазарна позиција се наоѓаат во зона на комфор, а новите услови не дозволуваат предолго задржување во комфорна зона. Тоа се случува во Италија, но исто така и во Франција, која е позната по славни вина. Некои од производителите ме замолија да им помогнам да направат нешто во врска со климатските промени. Во делови на Франција нема врнежи, топло е за време на летото, бербата драстично е поместена еден месец пред просекот, а овие промени настанаа во изминатите 10 години. И тие се исплашени за иднината. Некои од нив почнаа да го применуваат нашиот пристап, да преземаат нешто за да бидат поподготвени за пазарот во иднина, односно за идните услови за производство на вино.

 

Во кој период може да се очекуваат првите резултати од примената на вашиот модел во „Тиквеш“ и кои конкретно ќе бидат придобивките?

Десет отсто од целосните резултати ќе бидат видливи за една година, а 50 проценти за три години. Мислам дека во „Тиквеш“ постојат услови да се постигнат важни промени во управувањето на лозовите насади во рамки на овие периоди, бидејќи тимот е отворен и подготвен за промени. Ова е неопходна карактеристика за сите кои сакаат да одат чекор напред, но е ретка и не е лесно да се најде во светот. Најчесто се соочуваме со отпор кон промените. Тука во „Тиквеш“ нема такво нешто, нема противење, сите се уверени дека промените се потребни. Така што, за три години мислам дека ќе имаме 50 отсто од најдобрите резултати, а за пет години можеби 75 отсто. Треба да имаме предвид дека не е можно да се остварат 100 отсто од нашите цели, бидејќи целите варираат и не се лесни, но со новиот начин луѓето ќе стекнат нови знаења кои ќе помогнат да се преземат следните чекори.

 

Како ги оценувате практиките за производство на вина во Северна Македонија, и во тие рамки каква е перспективата на винската индустрија во Северна Македонија на меѓународниот пазар?

Во Македонија, како и во други земји, практиката за производство на висококвалитетни вино не е толку раширена. Во земјите во кои многу генерации произведуваат квалитетни вина и ги евалуираат, таму постои и таква винска култура. Тоа значи дека ние исто така треба да креираме култура во врска со квалитетот на грозјето. Не е доволно само да се произведува грозје, туку тоа треба да е квалитетно грозје, специфично квалитетно грозје за да се создаде најдоброто вино според потребите на потрошувачите.

Кажете ни повеќе за Бигот индексот, за што се користи?

Бигот индексот е најважното нешто за нас. Индексот за мене сега е како Библија. Најмалку во последните пет години за мене е невозможно да бидам во контакт со лозовите насади без да го знам Бигот индексот. Ако на пример Бигот индексот во лозовите насади е 90 поени, тоа е совршено, бидејќи не е лесно да се постигне ваков резултат. Тоа значи дека сите параметри – водениот стрес (наводнувањето) е перфектно, здравоста на грозјето, лозјата, сите – се одлични. И се разбира тоа финално се одразува и на виното.

 

Дали сите девет параметри се еднакви по важност во вкупниот Бигот индекс или пак некој од нив има посебно влијание? Кој е најважен?

Одлично прашање. Кога го правев алгоритамот, кој исто така е патентиран, морав да ги утврдам и овие поединости. Користев статистички пристап со податоци за илјада лозови насади и за илјада вина директно произведени од соодветните лозови насади. Ги ставив сите информации, а статистичките анализи ми дадоа процент за вредноста на секој параметар. На пример односот помеѓу површината на вегетативната маса и приносот е еден од најважните параметри коj учествува со 30 до 31 %, а здравјето на грозјето 25 проценти, што значи дека со овие два параметри имаме повеќе од 50 проценти. Во овие статистички резултати вредноста на биодиверзитетот е седум проценти. Ако не го земете предвид биодиверзитетот може да имате лозови насади со најмногу 93 поени, а 100 поени се достигнуваат само ако и биолошката разновидност е дел од мерењата.

 

Како гледате на иднината на лозарството и на производството на вино во земјава, но и во Европа во целина, имајќи ги во предвид климатските промени? Како тие ќе се одразат на оваа стопанска гранка и што е клучно за производство на квалитетно грозје и вино, дали е доволна само природата?

Клучни за производство на квалитетно грозје се силата на лозата и водениот стрес (недостигот на вода). Тие се поврзани, бидејќи ако немате вода немате сила, раст. И двете се многу важни за производството на вино, не само за квалитетот, туку и за количеството. Недостигот на вода и недоволна сила даваат мал принос по стебло. Кога велам мал, мислам половина или еден килограм по стебло. Со толкаво количество на грозје, резултатот е преголема концентрација, премногу концентрирано вино, високо ниво на алкохол, ниска киселост, високо ниво на танини и недостаток на елеганција. И никој не сака да плати за нешто што не елегантно. Ние не сакаме да пиеме вино со алкохол од 15-16 степени, сакаме да имаме максимална елеганција со 13 степени алкохол. Како тоа да се постигне? Со правилно наводнување и зголемување на нивото на органски материи во почвата.

 

Каква е иднината на производството на вино и на производството на грозје , ако се земат во предвид климатските промени во регионот на Балканот и во Европа?

Производството и постигнувањето економска одржливост веројатно ќе бидат многу тешки за оние што ќе немаат алатки за управување со силата на лозата и со водениот стрес. Мислам дека голем број производители кои произведуваат само грозје веројатно ќе исчезнат бидејќи не се економски моќни и можеби немаат знаење за соодветно да го користат наводнувањето. Во Италија веќе почнаа ваквите проблеми. Во Италија само 25 отсто од производителите и тоа оние најголемите имаат можност да наводнуваат, додека најмалите и постарите производители ги немаат овие можности. Во последните три години нивниот број е преполовен во однос на претходните десет години, што е критично.