„Диџеј Ахмет“ на Георги M. Унковски ќе се натпреварува за наградата „Срце на Сараево“


Филмот „Диџеј Ахмет“ од режисерот Георги М. Унковски ќе се натпреварува за наградата „Срце на Сараево“ на 31-то издание на престижниот Филмски фестивал во Сараево, кој ќе се одржи од 15 до 22 август. Холивудските ѕвезди Вилем Дефо, Стелан Скарсгард и Реј Винстон ќе го добијат Почесното срце на Сараево„како признание за нивниот извонреден придонес во уметноста на филмот“.

Филмот ќе ја има својата македонска премиера во септември на затворањето на Меѓународниот филмски фестивал „Браќа Манаки“ во Битолa.

Во официјалната програма на Филмскиот фестивал во Сараево е вклучена и словенечко-македонската копродукција „Фантазии“ од режисерката Кукла (Катерина Рашек), чиј македонски копродуцент е Дејан Крајчевски од „Круг филм“. Во програмата за кратки филмови е вклучен и „Берни очи“ од Ермал Гердовци, косовско-македонска копродукција.

Светската премиера на „DJ Ahmet“ беше на 24 јануари, на Филмскиот фестивал Санденс, каде што освои две награди, а  по прикажувањето доби одлични рецензии во две од трите највлијателни филмски списанија „Холивуд репортер“ и „Варајети“. Ахмет, 15-годишно момче од оддалечено село во Јуручи, Македонија, наоѓа утеха во музиката додека се справува со очекувањата на својот татко, конзервативната заедница и своето прво искуство со љубовта – девојка која веќе е ветена на некој друг.

Улогите ги играат: Ариф Јакуп, Агуш Агушев, Дора Акан Златанова, Аксел Мехмет, Селпин Керим и Атила Клинче.

Филмот е сниман во текот на 36 дена кон крајот на 2023 година, во селата Коџалија и Али Коч во Радовиш, а некои снимања се одвиваат и во Скопско. Филмот е на турски и македонски јазик.

Унковски досега беше познат по својот краток филм „Налепница“ (Sticker), кој беше прикажан на Sundance Film Festival 2020. „DJ Ahmet“ е неговиот дебитантски долгометражен филм, кој по пет години работа и бројни предизвици во продукцијата, го донесе македонскиот филм на светската сцена.