Девојче во Турција спасено по 20 часа: „Каде е мајка ми?“


 

Седумгодишното девојче  во правливи пижами беше извадено од урнатините во Хатај, на границата на Турција со Сирија по повеќе од 20 часа хорор. „Каде е мајка ми? -му рекла на спасувачот кој ја зел во раце.

Лошото време го отежнува спасувањето и ја прави уште поогорчена судбината на преживеаните кои треперат во шатори или импровизирани засолништа. Големиот пад на температурата ги изложува повредените и заглавените во урнатините на дополнителен ризик од хипотермија.

Според проценките, во Турција се урнале до пет илјади згради, вклучувајќи ја и болницата во Искендерун. Во земјотресите беа урнати цели станбени блокови. Турција официјално побара помош од сојузниците на НАТО за справување со последиците од земјотресот.

Според турскиот претседател, 45 земји понудиле помош. Покрај уште еден земјотрес со јачина од 7,5 степени, вчера во југоисточна Турција се регистрирани дури 185 последователни потреси. Неколку земјотреси беа забележани во вторникот вечерта. Најсилниот, со јачина од 5,5 степени е забележан во 4 часот и 13 минути.

Истекува времето за спасување на стотици семејства кои сè уште се заробени под урнатините на уништените згради, изјави во вторникот шефот на сириската опозициска служба за цивилна заштита.

„Секоја секунда значи спасување животи и ги повикуваме сите хуманитарни организации да пружат материјална помош и итно да одговорат на оваа катастрофа“, изјави Раед ал Салех за Ројтерс.

Овој земјотрес е најголем во Турција од земјотресот од 17 август 1999 година, кој предизвика смрт на 17.000 луѓе, меѓу кои илјада во Истанбул.