Деветта генерација ученици во Академијата на ФФМ


Академијата на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) оваа година ја прими деветта генерација ученици од своето формирање во 2014 година.

Дел од фудбалската Академија на ФФМ во новата сезона 2023/24 ќе бидат вкупно 54 деца од генерациите 2009 и 2010.

– Со условите кои ги овозможуваме, со поддршката од УЕФА преку програмата за развој, сметам дека овие млади луѓе имаат неповторлива шанса да успеат во фудбалот. Правиме големи напори и обезбедуваме средства да го реализираме проектот на вистински начин и заеднички да се радуваме на новите играчи кои ќе ги создадеме во иднина, изјави денеска техничкиот менаџер и координатор на млади национални селекции во ФФМ, Зоран Стратев.

Како што соопшти ФФМ, досегашните анализи ја потврдуваат потребата од постоење и понатамошно вложување во ваков тип на проекти.

– ФМ ќе продолжи да работи напорно и посветено за доброто на македонскиот фудбал и создавање нови лидери кои ќе бидат носители на националниот тим на Македонија во иднина. Продолжуваме во таа насока, тренерите и инструкторите да имаат експертска обука од УЕФА со цел да ги подигнат своите стандарди на работа, а за возврат мотивирано да ја применат во својата работа, а младите фудбалери да добиваат суштински совети и насоки не само од техничка гледна точка, туку и од аспект на образованието и менаџирањето на процесот, се наведува во соопштението.