Деветгодишник најмлад денарски милионер, лани 28 граѓани оствариле приход од над 100 милиони денари
Анализата на УЈП покажува дека 2022 година не била финансиски лоша: вкупниот приход на граѓаните лани бил за 767,4 милиони евра повисок во однос на 2021 година, а данокот на личен доход за 53,6 милиони евра
Најмладиот денарски милионер во земјава има само девет година, а најстариот 97, покажуваат податоците на Управата за јавни приходи, објавени денеска, врз основа на направената анализа од поднесените годишни даночни пријави за 2022 година. Во земјава се зголемува и бројот на граѓани кои оствариле приходи од над 1,6 милиони евра во текот на годината- според УЈП лани такви имало 28 лица, што е за тројца повеќе во однос на 2021 година. Се на се, според направената анализа на УЈП, произлегува дека 2022 година не била финансиски лоша, односно вкупниот приход на граѓаните лани бил за 47,2 милијарди денари или околу 767,4 милиони евра повисок во однос на 2021 година и следствено на ова и данокот на личен доход е за 3,3 милијарди денари (53,6 милиони евра) повисок во 2022 година.
Како што посочи на прес конференција директорката на УЈП, Сања Лукаревска, Управата за јавни приходи за календарската 2022 година изготвила предпополнета годишна даночна пријава за 789.761 граѓанин. Според податоците искажаниот бруто-доход во пријавите изнесува 413,8 милијарди денари додека пресметаниот данок на личен доход е во износ од 25,7 милијарди денари.
„Годишните даночни пријави како и секоја година УЈП ги изготвува врз основа на податоците од пресметките за исплата на доход поднесени од страна на компаниите во земјата, пресметките со кои што граѓаните пријавиле дека оствариле доход од физички лица од земјава, пресметките во кои што граѓаните пријавиле дека оствариле доход во странски компании и странски физички лица, годишниот даночен биланс и решенијата за данок на личен доход кој се утврдува според паушално утврден нето доход од вршење на самостојна дејност“, појасни Лукаревска.
Во текот на 2022 година преку ЕПДД системот вкупно 21.380 граѓани ги потврдиле пријавите, 807 ги коригирале, а за 623.369 граѓани УЈП автоматски односно службено ги потврди пријавите.
Според податоците најголемиот број граѓани односно 617.854 лица оствариле бруто доход кој се движи во прагот од 100 илјади до 1 милион денари додека 62.455 граѓани оствариле бруто доход над 1 милион денари.
„Споредено со 2021 година, лани се бележи раст на бројот на граѓани оствариле доход кои спаѓаат во врвните прагови односно 28 граѓани во 2022 година оствариле приход над 100 милиони денари што е за тројца повеќе во однос на 2021 година, а 995 граѓани оствариле приходи во прагот од 10 до 100 милиони денари што е за 238 лица повеќе во однос на 2021 година“, рече Лукаревска
Таа додаде дека лани највисокиот вкупен годишен бруто доход остварен по повеќе основи од граѓанин жител на Скопје изнесувал 446 милиони денари, а највисоката годишна бруто плата во 2022 година исто така е исплатена кај граѓанин во Скопје.
„Платата е остварена во дејноста трговија на големо со производи од тутун и изнесува 144 милиони денари (2,3 милиони евра, заб.), рече Лукаревска.
На листата на највисоко рангирани бруто плати се најдоа и платите исплатени во дејност производство на вино и грозје, на метални производи, болници, трговија со фармацевтски производи, управувачки дејности и компјутерско програмирање, додае таа.
Највисокото лично примање во износ од 280,6 милиони денари по основа на извршена работа и остварена исто така од скопјанец. Станува збор за доход кое лицето го остварило во странство и истиот ја исполнил обврската за пријавување на овој доход во земјава.
Највисоката остварена капитална добивка била кај жител на главниот град, во износ од 173,4 милиони денари, а добивката ја остварил од продажба на удел кој го поседувал во трговско друштво чија дејност е производство на филмови, видео и телевизиска програма.
Највисоката исплатена дивиденда е во износ од 229,6 милиони денари исто така на скопјанец, кој е сопственик на удел во компанија од дејноста болница.
„Во топ десетте кои остваруваат доход од самостојно вршење на дејност за минатата година се најдоа адвокати, нотари, угостители, одгледувачи на жито, мешункасти растенија, производство на брановидна хартија и сл.“, рече Лукаревска, додавајќи дека 61,9 милиони денари бил највисокиот остварен доход од оваа категорија и тоа од граѓанин од Скопје.
Највисокиот остварен доход од продажба на земјоделски производи бил 18,9 милиони денари, додека 37 милиони денари е највисокиот остварен бруто доход од закуп и подзакуп на имот. И по двете основи највисоките приходи се од жители на метрополата.
Скопјанец е прво рангиран и на листата на остварени приходи од авторски права и од други стварни права, со остварен бруто доход од 22 милиони денари.
Со износ од 5,5 милиони денари жител на Охрид го остварил највисокиот бруто доход по основ на право од индустриска сопственост.
Најмногу среќа лани имале граѓани на Кичево и на Кочани, двајцата оствариле добивки од игри на среќа организирани од државната лотарија – 32,9 милиони кичевчанецот и 27,3 милиони кочанчанецот.
Прво рангираниот пензионер од Скопје пријавил странска пензија во износ од 5,8 милиони денари на годишно ниво, исто така жител на главниот град е со највисок бруто доход од платени премии и исплатена осигурена сума во износ од 9 милиони денари.
Во категоријата друг доход жител на Тетово пријавил годишен бруто приход од 181,9 милиони денари кои е исплатен од странски компании кои работат со социјални мрежи и видео платформи и за овој доход лицето платило 18,1 милини денари данок на личен доход.
„Дваесет и четири годишник е најмладиот милионер во евра за 2022 година со остварен и пријавен доход од странство во износ од 61,6 милиони денари а 77 годишно лице со остварени 92,9 милиони денари доход е највозрасниот милионер во евра кој доходот го остварил главно од дивиденди во компании во земјава“, рече Лукаревска.
Најмладиот милионер во денари има девет години со остварени нешто над еден милион денари од закупнина, додека највозрасниот има 97 години и лани остварил доход во износ на 1,2 милиони денари по основ на пензија и извршена работа.
„Податоците кои се содржат во годишните даночни пријави даваат јасна слика за состојбата на приходите кои што граѓаните ги оствариле во даночниот период“, нагласи Лукаревска.